октомври 28, 2019

Охрид, 28. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на алпинистички клуб „Патагонија“ и општина Охрид, вчера во Охрид се одржа првото промотивно издание на „Ohrid Outdoor Festival“.

Целта на фестивалот беше заедничко дружење и уживање во убавините на Охрид и планината Галичица, возејќи велосипед или искачувајќи го врвот со најубав поглед кон двете езера. Турата започна во 08:30 часот од пред СРЦ „Билјанини извори“, со обезбеден бесплатен автобуски превоз до превојот „Баба“ и пешачење до врвот „Лако сигној“ на 1.981 метри надморска височина. Во исто време од истото место започна велосипедска тура преку Велестово-Крстец-Асанѓура. По завршување на турите, во 14:30 часот, за учесниците и сите присутни во Охрид, беше организирана забава на брегот на езерото, кај Центарот за обука на вода.

Image may contain: one or more people, mountain, sky, grass, outdoor and nature

– Голем број вљубеници во природата, активни планинари, велосипедисти и рекреативци денес имаа можност да уживаат во уникатните пејзажи и панорами на планината „Галичица“, Охридското и Преспанското Езеро, а прекрасното октомвриско сонце и ведрото небо, само ја надополнија целокупната атмосфера со силна позитивна енергија. Во рамки на планинарските тури учествуваа и туроператори и новинари од Италија, кои се дел од овогодинешната Промо тура „Охрид 2019“, која има за цел да придонесе за приближување на охридските туристички потенцијали на италијанскиот пазар, напиша на неговиот профил на Facebook градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески, кој и сам беше дел од фестивалот.

Image may contain: one or more people, mountain, outdoor and nature

За безбедноста на учесниците се грижеа тимови од Планинската спасителна служба при охридскиот Црвен крст, а ги водеа професионални водичи во планина. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Општина Охрид

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука