октомври 28, 2019

Охрид, 28. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во присуство на голем број пријатели, соработници и сограѓани во петокот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ проф. д-р Гоце Џуклески, познат македонски хармоникаш и композитор ја промовираше книгата „Македонска разгледница“.

Се работи за книга која содржи 31 мелографски записи на исто толку ора чиј автор е Џуклески. Промотор на „Македонска разгледница“ беше композиторот и хармоникаш Сашо Ливрински, негов колега по музиката.

– Искуството е различно,затоа што за прв пат се наоѓам во улога на нотограф на целокупниот музички материјал што се наоѓа во книгата.За мене нов и голем предизвик,кој се надевам успешно го завршив,за што ќе посведочат практичарите во музичката професија,односно практикувачите во музицирањето на хармоника. Мислам дека со право можам да тврдам дека оваа музичка книга е вистински пионер во запишувањето на ороводни ноти во Македонија.Се разбира,со должно почитување кон сите оние кои тоа го направија претходно,кои за жал се бројат на прсти,би сакал ова мое тврдење и да го образложам во кратки црти. Имаме многу богата ризница на снимени народни и новокомпонирани ороводни ноти од ослободувањето до ден денес,но за жал навиката,практиката и стандардот за нивно запишување не одеше правопропорционално со ова.Посебно не се обрнуваше внимание на запишувањето на најточниот начин на изведбата,што даваше многу простор за импровизација,а таа,импровизацијата ако не е контролирана од субјектот најчесто преминува во хаос и недефинираност,која пак не произведува стандарди, рече Ливрински.

Учениците од Средното економско училиште „Св Кирил и Методиј“ Ивана Ническа и Роберто Неделкоски прочитаа извадоци од биографијата и од рецензиите на етномузикологот и музикологот Кирил Тодески и Марко Колоски.

Авторот Гоце Џуклески искрено им се заблагодари на сите за присуството, на сите соработници во неговата музичка кариера која трае 40 години со желба и натаму да творат заедно како и досега. Џуклески најави и други проекти со кои ќе се збогати македонската песнопојна ризница, но и нотни записи кои ќе бидат добра оставнина за идните генерации. Во своето обраќање , тој кусо рече: -Музиката е најдобра слика за еден народ, а кога се работи за македонската музичка слика, таа е волшебна, неповторлива и вонвременска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука