Здравје Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Во ноември ќе започне имунизацијата против сезонски грип

Охрид, 29. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во првата половина на ноември ќе стартува имунизацијата против сезонски грип во Охрид.

Од Центарот за јавно здравје Охрид информираат дека ќе бидат набавени дози висококвалитетна четиривалентна вакцина за имунизација на сите оние кои сакаат да го заштитат своето здравје.
Во насока на ефикасно спроведување на вакцинацијата, во тек е евидентирање на заинтересираните граѓани кои сакаат да примат вакцина.

За лицата над 65 години има најава за бесплатни вакцини со упат од матичен лекар.

Мобилни екипи на Центарот за јавно здравје и оваа сезона ќе вршат вакцинација против грип во домашни услови за лицата кои не можат да дојдат во амбулантите, постари од 65 години како и за лицата со хендикеп или телесен инвалидитет.

Примањето вакцина е наменето главно за хронично болни лица, со намален имунитет и за здравствените работници. Лекарите велат дека е најдобро вакцината да се прими во овој период, односно пред почетокот на сезоната на грипови, за да може организмот навреме да развие имунитет.

Грипот, или инфлуенца, е заразна болест предизвикана од вирусите на рибонуклеинската киселина, од фамилијата на вирусите на грипот. Најчести симптоми кои што се јавуваат при оваа болест се треска, настинка, воспалено грло, болки во мускулите, неподносливи главоболки, кашлање, изнемоштеност или омалаксаност и неудобност. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави