ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Со нова веб страна и мобилна апликација ќе се одбележи годишнина од прогласувањето на НП „Галичица“

Охрид, 1. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Денес напладне во Инфо центарот на ЈУ Национален парк „Галичица“ во Охрид ќе се одбележи годишнината од прогласувањето на националниот парк.

Во текот на оваа година, ЈУНП „Галичица“ продолжи со трансформацијата на своето работење, преку зголемување на приходите од туристички активности, а намалување на приходите од директно користење на природни ресурси.

Согласно Годишната програма за заштита на природата изработена е нова веб страна www.galicica.org.mk и мобилна апликација за Андроид и IOS паметни телефони.

Со тоа се подобрува запознавањето на посетителите со природните и културни вредности на Националниот парк, но исто така се допринесува за поголема безбедност на посетителите на паркот и подобрување на туристичката понуда во Охрид и регионот.

Исто така, во рамки на своите активности, изработено е и ново промотивно видео за убавините на Националниот парк, а во соработка со Фондот за природа Преспа-Охрид беше изработено и видео кое ја прикажува соработката меѓу установата и ПОНТ на интересен и лесно разбирлив начин.

По повод денот на Национален парк „Галичица“, 25-ти октомври, беше распишнa ликовен конкурс на тема: „Убавините на Национален парк Галичица“. Резултатите од овој конкурс беа веќе објавени, а наградите ќе бидат доделени утре, на одбележувањето на прогласувањето на Националниот парк „Галичица“ заедно со презентација на веб страната, мобилната апликација и видеата.

Националниот парк „Галичица“ е препознатлив по својата богата и ретка природа и неповторлива убавина. Во 1958 година е прогласен за национален парк со цел да се зачува растителниот и животинскиот свет и природниот изглед на планината Галичица. Околу 2/3 од Паркот е вклучен во границите на Светското природно и културно наследство на охридскиот регион, впишано на листата на Светско културно и природно наследство на УНЕСКО. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука