ноември 12, 2019

Охрид, 12. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – На експертите, екологистите, невладините организации и граѓаните им беа презентирани деталите од Нацрт-планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и Стратегиската оцена на животната средина за периодот 2019-2028 година.

Планот е обврска на секоја земја која има добро впишано на листата на светско наследство на УНЕСКО. Се работи на него од 2010 година кога е донесен и законот за управување со природното и културното наследство во охридскиот регион.

Постапивме по препораките на УНЕСКО и планот носи едно ново зонирање во рамки на доброто со кое што ќе се овозможи примена на соодветни мерки за заштита, потенцира државниот секретар во министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска.

– Планот носи едно ново зонирање во рамки на доброто со кое што ќе се овозможи приомена на соодветни мерки за заштита. Тоа значи воспоставување заштитен појас со ширина од 50 метри сметано од границата на катастарската парцела Охридско Езеро, каде на интегриран пристап преку урбанистички план од државно значење ќе се утврдуваат заштитните мерки, во соодветните прва А и прва Б зона. Во првата А зона не се дозволува да се гради за да се задржи крајбрежната функционалност на езерото и зачувување на квалитетот на езерото, а во прва Б се задржуваат објектите кои се веќе изградени, но со тенденција да се зголеми површината согласно рамковната директива за води, истакна Петровска.

Од граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ велат дека се носи еден план за управување со Охридскиот регион којшто би требало да биде носител на сите активности кои треба да се случуваат, а во меѓувреме не се донесени студии и документации кои се спомнуваат во него.

– Факт е дека Законот за Охрид не е донесен, факт е дека ЛЕАП-от сеуште не е донесен. Студијата за влијание врз животната средина мислам дека не може да оди паралелно со нацрт–план за управување со Охридското Езеро. Има и други недостатоци како Студијата за Студенчишко блато сеуште не е донесена, а се спомнува во Планот за управување со Охридскиот регион, не е донесена и Студијата за управување со сливното подрачје на Охридското Езеро. Би требало врз основа на планот да се носи и законот и сите останати елементи кои треба да следат, истакна Трајче Талевски од Охрид ЅОЅ.

Државниот секретар Петровска на ова возврати дека ако се чека на донесување на Законот за Охридско Езеро никогаш нема да се заштити езерото.

– Ако чекаме да се донесе законот за Охридско Езеро, за блатото, ќеве е правиме и нов план за управување за Галичица ние никогаш нема да го заштитиме Охридското Езеро.Ние треба под итно да го направиме планот, да го усогласиме со сите чинители, што е и целта на јавната расправа и веднаш штом ќе го усвоиме да продолжиме со зонирањето внатре во заштитените подрачја. Доколку се направат промени во зонирањето, Планот ќе биде ревидиран и усогласуван преку соодветни предвидени преодни одредби, потенцира Петровска.

Таа додаде дека не може само планот да го спаси Охрид, тој дава рамка за управување, но управуваат институциите и граѓаните кои имаат свое земјиште и објекти во рамки на планот.

– Имаме добра основа, да и помогнеме на Комисијата за управување со природното и културното наследство да може да носи одлуки. Планот овојпат е толку експлицитен што согласно мерките што ги утврдува документот, Комисијата ќе гледа дали е 50% изграденост на парцелата, дали е катноста П+2 во соодветната зона, па ќе може да даде дозвола за градба гледајќи ги мерките утврдени со планот. Тоа што законот за води предвидува е 50 метри заштитен појас од највисоката кота на Охридското Езеро но кога ја нацртавме излезе дека влегува во Струга, бидејќи полето е пониско, излегува дека највисоката кота на езерото ќе ја поплави Струга тоа е неупотребливо за охридскиот регион. Затоа рековме 50 метри од границата на катастарската парцела Охридско Езеро. Во минатото имало урбанистички план за крајбрежјето и бил укинат со што се овозможило преку локални и државни урбанистички плански документации да се прави крајбрежна трансформација за која УНЕСКО има забелешки. Затоа се пристапува кон зонирање, рече Петровска.

Нацрт-планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион треба да биде донесен до крајот на оваа година, по што во февруари следната година ќе биде презентиран пред УНЕСКО. Во Албанија на неформална средба истиот е презентиравме пред претставници на УНЕСКО. Нацрт-планот на 20-ти октомври е испратен до организацијата, па до крајот на овој месец се очкува одговор.

Нацрт-планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион вчера беше презентиран во Скопје, а денес покрај во Охрид се презентира и во Струга. Забелешките кои ќе произлезат од јавните расправи доколку се издржани ќе станат дел од планот, по што истиот ќе биде доставен до Владата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука