Охрид, 14. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одбележува Светскиот ден за борба против дијабетесот. Со шеќерната болест или како што се нарекува чума на модерното време во охридскиот Центар за дијабет се регистрирани околу 6 000 пациенти.
Од регистрираната бројка на заболени во Охрид, над 30 се со дијабет тип 1, а останатите се со дијабет тип 2, вели во изјава за Супер радио и OhridPress доктор Лилјана Ангелеска, специјалист интернист, субспецијалист по ендокринологија во Центарот за дијабетес во Охрид.
– Од околу 6.000 заболени пациенти, 2.000 се на инсулинска терапија, останатите се на таблетарна терапија. Многу позастапен е дијабетесот тип 2. За оваа болест нема возрасна граница, а загрижува фактот што во последно време дијабетот тип 2 го има и кај помладата популација, потенцира д-р Ангелеска.
Како причини за ваквата состојба докторката ги наведува бразата и нередовна исхрана, долгото седење пред компјутер со што отсуствува физичката активност. Како препораки и превентивни мерки таа ги потенцира движењето, физичката активност и консумирање храна повеќе пати во текот на денот, но во помали количини.
Госинашното мото за одбележување на Светскиот ден на дијабетесот е „Да го смениме дијабетесот“. Преваленцата во Македонија во 2019 година изнесува високи 11.1% што соодветствува на 175 илјади лица на возраст од 20-79 години, или секој деветти возрасен човек во Македонија има дијабетес.
Дијабетесот е хронична болест која се јавува кога човечкиот организам не успева правилно да го користи и да го складира шеќерот.
Нивото на гликоза во крвта е контролирано од инсулинот, хормон кој се создава во панкреасот. Задача на инсулинот е да помага во придвижувањето на гликозата од крвта во клетките, каде се разложува и се добива енергија.
Има два типа дијабетес, тип 1 и тип 2. Дијабетесот од тип 1 е автоимуно заболување со можна генетска предиспозиција. Се јавува во која било возраст, но најчесто кај деца, тинејџери или млади луѓе. Кај овој тип дијабетес панкреасот создава многу малку или воопшто не создава инсулин.
Дијабетесот од тип 2 е најчеста форма на болеста, која претежно ги афектира возрасните, но во последните години се јавува и кај тинејџерите и младите лица поради прекумерно зголемување на телесната тежина. Кај овој тип на дијабетес, панкреасот најчесто создава инсулин, но или таа количина не е доволна за потребите на организмот или клетките се резистентни на инсулинот.
Дијабетесот се јавува и кај бремените жени и тој тип е познат како гестациски дијабетес. Причината за појавата на дијабетесот лежи во тоа што за време на бременоста хормоните од плацентата ја блокираат активноста на инсулинот, а со тоа се спречува влезот на гликозата во клетките и расте нивото на гликозата во крвта.
Луѓето кои страдаат од дијабетес, независно од кој тип, имаат покачени вредности на гликоза затоа што нивниот организам не може да ја пренесе гликозата во клетките. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива