ноември 15, 2019

Охрид, 15. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во и во близина на Студенчишкото блато не треба да се предвидува никаква марина. Истата е повеќе од потребна но секако не во блатото, дециден е Трајче Талевски од Граѓанската иницијатива Охрид SOS.

Минатата недела во Скопје беше презентирана нова архитектонско-урбанистичка анализа во функција на ревитализација на Студенчишко блато. Како што беше најавено целта на ваквиот проект за ревитализацијата на Студенчишкo блатo е да се овозможи негово природно функционирање заедно со воспоставување на одржлив економски модел на содржини кои се насочени кон развој на локалитетот. На презентацијата присуствуваа и претставници на граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ излегоа со критики, рекоа дека архитектонското студио кое ја изработило анализата упорно презентира предлог за уназадување на екосистемот на Студенчишко блато.

– Се одржа презентација на едно видување за просторот околу Студенчишко блато за изградба на некаков центар во кој е вклопена марина. Марината бара вода, а во блатото нема вода, најверојатно се планира да се прокопа дел од просторот и да се донесе вода што ќе преставува опасност и за езерото и за блатото и целиот простор. Имаме доста забелешки пред сé од стручен експертски и научен поглед. Секако не она што се предлага од фирмата предлагач, бидејќи има повеќе урбанизирање отколку еколошки проекти. Ние до општина доставивме план за ревитализација и управување со Охридското Езеро, но досега немаме никакви активности околу тоа, истакна Талевски.

Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска потенцира дека доколку експерти утврдат дека таа марина би значела деструкција,таков проект нема да се дозволи.

– Колегите архитекти ме исконтактираа за да го изложат својот концепт. При изработката генерално не соработувале со биолози и тоа е една пракса која треба да се менува. Мораме да обезбедиме дека Студенчишкото блато кое е многу важно и за квалитетот на езерото и за таа крајбрежна функционалност за која зборуваме да биде сочувано. Доколку се утврди, експертите утврдат дека таа марина би значела деструкција, бидејќи во првата заштитна зона на прв поглед изгледа дека тоа ќе значи деструкција, таков проект сигурно нема да се дозволи, истакна Петровска.

Дека марина е повеќе од потребна се согласуваат сите, со оглед на тоа што во Охрид има над 1000 регистрирани пловни објекти. Но, Талевски прашува дали на езерото му се неопходни толку објекти, бидејќи езерото е еко систем каде пред сé приоритет треба да биде неговата заштита.

– Треба прво да се направи студија за бројот на објекти, какви треба да пловат бидејќи ги има многу кои се со мотори кои предизвикуваат енормно загадување. Е после може да се разговара за локација, но секако не во блатото. Како локации би биле подобри Грашница или Далјан, истакна Талевски.

Години наназад експерти, научни работници, екологисти не оспоруваат дека на Охрид му е потребна марина, но при изборот на локација за таков инфраструктурен зафат треба да се внимава, со цел да се избегне загадување на Охридското Езеро.

Кон крајот на 2015 година беше распишан Конкурсот за избор на идејно решение за надградба на градското пристаниште и за изградба на нова марина во Охрид. Учествуваа седум архитекти и бироа, а фирмата „Астрекс“ од Скопје беше избрана да работи на проектот за идната марина во Охрид. Состојбата која остана оттогаш, да се избере локацијата, сеуште е актуелна. Како можности тогаш се споменуваа постоечкото градско пристаниште во центарот на Охрид и Студенчишкото блато. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука