Здравје Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Од утре стартува вакцинацијата против сезонски грип

Охрид, 18. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од утре започнува вакцинирањето против сезонски грип, информираат од охридскиот Центар за јавно здравје.

Набавени се дози висококвалитетна четиривалентна вакцина за имунизација, а со цел ефикасно спроведување на имунизацијата минатиот месецсе вршеше евидентирање на заинтересираните граѓани кои сакаат да примат вакцина.

И за оваа сезона се предвидени бесплатни вакцини за бремени жени во кој било период од бременоста, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, стари лица (над 65 години), лица со хронични болести. Вакцинацијата ќе се закажува преку матичните лекари.

Мобилни екипи на Центарот за јавно здравје и повторно ќе вршат вакцинација против грип во домашни услови за лицата кои не можат да дојдат во амбулантите, постари од 65 години како и за лицата со хендикеп или телесен инвалидитет.

Примањето вакцина е наменето главно за хронично болни лица, со намален имунитет и за здравствените работници. Лекарите велат дека е најдобро вакцината да се прими во овој период, односно пред почетокот на сезоната на грипови, за да може организмот навреме да развие имунитет.

Грипот, или инфлуенца, е заразна болест предизвикана од вирусите на рибонуклеинската киселина, од фамилијата на вирусите на грипот. Најчести симптоми кои што се јавуваат при оваа болест се треска, настинка, воспалено грло, болки во мускулите, неподносливи главоболки, кашлање, изнемоштеност или омалаксаност и неудобност. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука