Охрид, 18. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Ј.П „Охридски Комуналец“ постави информативни табли за забрането фрлање отпад на локации каде во изминатиов период е евидентирано недозволено одлагање и фрлање отпад од секаков вид (градежен шут, кабаст отпад, зелен отпад и друг комунален отпад).
Со цел развивање на еколошката култура и поголема совест на граѓаните поставени се 60 информативни табли на локации -црни точки кои во многу наврати се темелно расчистени, но набрзо сликата од расфрлан отпад се повторуваше.
– Ги потсетуваме граѓаните дека заради обезбедување на јавна чистота и заштита на животната средина и природата најстрого е забрането фрлање на отпад на јавни површини и во природата, односно надвор од определените места и садови за одлагање на отпад.
Согласно Законот за Јавна чистота казна ќе му се изрече на секое лице кое постапува спротивно и не ја почитува забраната односно фрла отпад на јавна површина. Притоа апелираме секоја девијантна појава и непочитување на јавната чистота граѓаните да ја пријавуваат на 075-495-428, информираат од „Охридски комуналец“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива