ноември 19, 2019

Охрид, 19. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Македонската Влада ќе иницира нов закон за решавање на правниот статус на дивоградбите, беше одлучено на денешната 166-та седница.

– Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информација за потребата од донесување на нов Закон за утврдување на правен статус на бесправни објекти, и го задолжи Министерството за транспорт и врски да достави Предлог на Закон за утврдување на правен статус на бесправни објекти до Владата, во рок од 15 дена од денот на усвојувањето на оваа информација. Се задолжува Министерството за транспорт и врски во Предлогот на Закон за утврдување на правен статус на бесправни објекти, како предмет на законот да ги опфати бесправните објекти кои ќе претставуваат градежна и функционална целина заклучно до 1 октомври 2019 година, како и бесправните објекти од јавен интерес утврден со закон чии иматели се државни органи или единици на локална самоуправа или правни субјекти основани од Република Македонија односно од единиците на локална самоуправа, кои ќе претставуваат градежна целина, а не и функционална целина до денот на влегување во сила на законот, информираат од Владата.

Од предлог законот треба да бидат изземени сите видови на бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на светското природно и културно наследство на Конвенцијата на УНЕСКО, утврдени со Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука