Охрид, 22. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – ОУТУ „Ванчо Питошески“ од Охрид ќе соработува со професионалната гимназија по туризам „Д-р Васил Берон“ од Велико Трново, Бугарија.
Директорите на училиштата, Марјан Радески и Татјана Данчева потпишаа Договор за соработка помеѓу двете училишта.
Соработката ќе се состои во меѓусебна размена на информации, знаење, искуства, идеи и добри практики, развивање и реализирање на заеднички иницијативи и проекти, заедничко организирање на образовни иницијативи, обуки и пракса, заедничко користење на материјално-техничка основа за едукативни активности, организирање и одржување состаноци, натпревари, конкурси, заеднички развој и имплементација на регионални и меѓународни проекти и други активности.
Покрај директорот Радески, во Велико Трново беше и секретарот Душко Јаковчески. Радески и Јаковчески остварија средби и со градоначалникот на Велико Трново Даниел Панов и претседателот на Советот Венцислав Спиридонов. Првите луѓе на градот изразија големо задоволство за потпишувањето на договорот помеѓу двете училишта.
Со оглед на фактот дека Охрид и Велико Трново се збратимени градови тоа ќе придонесе за зајакнување на врските и пријателството помеѓу двата града. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Општина Охрид