ноември 23, 2019

Охрид, 23. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Со пригодни активности, денес и утре во Охрид ќе се одбележи 15-годишниот јубилеј на нуркачкиот центар „Амфора“.

– Нуркачкиот центар „Амфора“ слави еден мал јубилеј, така барем ние го третиравме, но кога почнавме да чепкаме по некои материјали за да ги изложиме на самата презентација, видовме дека ќе ни требаат всушност неколку дена за да ги претставиме нашите активности – подводни истражувања, обуки на припадниците на МВР, МО или Црвениот крст, односно уште многу подводни активности. Сепак, поентата ја ставаме на едукација на нуркачи и организирани групи. Слободно можам да кажам дека последниве години се бележи подем на заинтересираност за нуркање, па во овој период имаме најголем број нуркачи што ги обучуваме, споредено со поранешните години. Ние сме препознаени во домашната и во меѓународната јавност по она што го работиме – чистење на Охридско Езеро со над десетина чистења, по подводни археолошки истражувања, претежно во Градиште, но и на други места, како Преспа или Врбник кај Струга. Во соработка со „Нова Македонија“ го издадовме првото ДВД „Подземниот свет на Охридско Езеро“, кога читателите како подарок добија 10.000 примероци од тоа ДВД. Би истакнал дека го промовиравме документарниот филм „Танцот со пастрмките“, а јавноста нѐ препознава особено по новогодишното китење на елката на дното на езерото. Се разбира, имаме уште многу активности, но да оставиме нешто и за нашата презентација во рамките на прославата, вели за Нова Македонија Милутин Секулоски, инструктор-тренер од нуркачкиот центар „Амфора“.

Тој е познат не само по своите видеа, подводни фотографии и филмови, туку и по екоакциите за чистење на Охридско Езеро од механички отпад, како и по единствениот зафат на пренуркување на целиот периметар на Охридско Езеро, каде што со својата камера забележал единствени и уникатни кадри не само од уметнички карактер, туку и со научноистражувачки потенцијал.

Активностите по повод јубилејот продолжуваат утре, за кога е закажано нуркање со бродот „Александрија“. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука