Охрид, 12. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Српски Blic ги посочува најомилените дестинации за српските туристи за дочек на Нова година. Меѓу нив омилени се соседите, кои се во непосредна близина, како што се Република Македонија, Романија, Унгарија, Грција, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а на листата високо е и нашиот Охрид, особено кај помладите.
21-годишен жител на Белград за порталот вели дека Новата година ќе ја дочека со пријателите во Охрид.
– Се организирав со моите пет пријатели и закажавме патување до Охрид. Слушнавме дека таму одат многу млади, дека е одлично времето, но и дека е многу евтино, вели тој за Blic.
Додава дека кога барале аранжман им било важно да имаат сместување и превоз, без цените да бидат астрономски.
– Успеавме да се договориме со сместување, две ноќевања и три дена, и превоз за 89 евра. Навистина е прифатливо, вели за порталот.
Во објавата се додава дека дури и оние кои ќе сакаат сами да резервираат сместување нема да поминат лошо со оглед на тоа што две ноќевања по лице се движат од 3.500 до 7.500 илјади динари.
Српските гости и понатаму остануваат едни од најбројните во Република Македонија и секако убавиот Охрид. Бројките покажуваат дека најголем дел од туристите во октомври годинава биле од Турција, од каде што дошле 23.838 посетители, а истиот месец не посетиле 6.582 српски државјани.
Охрид е веќе прекрасно украсен и е подготвен да ги пречека сите гости од целиот свет. Се подготвува и посебна забавна програма, која уште повеќе ќе придонесе за да биде исполнет градот за време на новогодишните, но и сите останати празници пред и после Нова година. Секоја година се бележи солидна исполнетост и за празникот Божиќ, Стара Нова година, како и за големиот христијански празник Богојавление Водици и Денот на рибарите. (Крај)
извор: Blic.rs фото: ОхридПрес