Охрид, 21. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Република Македонија, во една неодамнешна студија, е прогласена за најбрзорастечка, тивка туристичка точка, што ја прави идеална дестинација за патниците кои претпочитаат мир и спокојство. Таа е совршена локација за оние кои уживаат во лежерниот одмор, стои во написот на Daily Express.
Тивкиот туризам, концепт кој ги фаворизира дестинациите со помала посетеност, забележа зголемување на пребарувањата на Google во текот на последните неколку години. Една неодамнешна студија на Bókun, водечки провајдер на софтвер за тур-операторите од семејството на TripAdvisor, ја идентификуваше Република Македонија како најбрзорастечката тивка туристичка дестинација, со пораст од 183% во пребарувањата на Google од 2013 година.
Честопати занемарена од патниците, може да се пофали и со едно од најстарите и најдлабоки езера во Европа, Охридското Езеро. Се протега помеѓу Македонија и Албанија, а овој спокоен рај, од корисник на Tripadvisor, е наречен „најубавото место на Земјата“.
– Она што мора да се види е неверојатната црква Свети Јован, сместена високо над езерото, обезбедувајќи неверојатен поглед преку водата. Самиот град може лесно да се помине пеш, заштедувајќи им на посетителите поголеми транспортни трошоци. Тоа им остава повеќе пари за да уживаат во локалните кулинарски задоволства, стои во написот на Daily Express.
Се додава дека и Охридското Езеро и неговиот град се на листата на светското наследство на УНЕСКО, но сепак тие остануваат спокојни дестинации, дури и за време на шпицот на туристичката сезона. (Крај)
извор: Daily Express фото: ОхридПрес