Охрид, 21. април 2017 (ОХРИДПРЕС) — Од „Авалон Продукција“ информираат дека се дефинирани сите детали за првиот фестивалски ден на Ohrid Calling 2017, фестивал којшто ќе се одржи на 1 август во Охрид на стадионот „Билјанини извори“.
На првиот фестивалски ден на кој како главна ѕвезда ќе настапи популарниот Afrojack, шоуто ќе го отвори младиот и талентиран диџеј Ravitez.
DJ Ravitez е млад диџеј од Холандија, чија кариера започнува пред 7 години. Неговата работа и страст кон музиката првично ја забележува тимот на Nicky Romero од Protocol Recordings, а потоа и Afrojack кој го зема во неговиот тим, давајќи му привилегија да ја дели сцената со некои од најголеми имиња на светската електронска сцена и со него е придружуван на турнеите по светот и фестивалите како: Ultra Music Festival (Мајами), Tomorrowland (Белгија), EDC (Лас Вегас), Untold Festival (Романија) и многу други.
Билетите за фестивалот Ohrid Calling ќе бидат пуштени во продажба од понеделник, 24. април, преку продажната мрежа на Купи Карти За Се низ цела Македонија, Југотон и онлајн, по цени од: 1000 денари ПАРТЕР; 1.500 денари ФАН ПИТ; 1.500 денари ВИП; 2.000 денари УЛТРА ВИП; 1.500 денари БЛОК ВЛЕЗНИЦА за ПАРТЕР и 2.000 денари БЛОК ВЛЕЗНИЦА за ФАН ПИТ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива