октомври 23, 2014

За Охридцките работи Бр. сл. 002/04/2013 Охрид, 25. април 2013 година

Отстранети паркинг-рампите во центарот на Охрид… Уставен ја стопираше градбата на комплексот во „Бејбунар“… Субрата Рој ќе гради во Љубаништа…

Насловиве во вестите последниве неколку дека како да влеваат надеж дека Eppur Si Muove – Сепак се движи (нешто во Охрид). А можеби и имал нешто охридско во себе кутриот Галилео Галилеј (инаетот сигурно) кога во 1633. година морал да признае пред Инквизицијата дека го порекнува своето тврдење дека Земјата се движи околу Сонцето. Признал дека не е во право, ама во нервозата додал – Eppur Si Muove…

Две од трите теми кои ги одбележаа последниве неколку дена се секако за поздравување.

Ајде по ред…

 

parkingrampi1Одлуката да се отстранат паркинг-рампите во центарот на Охрид е позитивен потег, но само ако работата се истера до крај и не се потклекне на притисоците – и од „нивните“ и од „своите“. Треба да се испитаат сите законски норми и да се направи обид да се задржи „Златната кокошка“ во свои (општински) раце. Добрите познавачи на состојбите велат дека само од парите кои би се собирале од паркингот во поширокото централно подрачје на Охрид, може да се врати голем дел од долгот на Охрид, во подолг период секако (или барем да ги сервисираат каматите, кои ги имаме, а ќе ги имаме наскоро уште повеќе). А долгот и неговата висина е прашањето од милион долари деновиве во Охрид. Па колку ќе биде, кој го направил? Тоа се прашањата на кои се надеваме дека наскоро ќе добиеме одговор, така барем вети градоначалникот Бакрачески на тоа што требаше да биде средба со главните уредници неодамна. Но за тоа друг пат. Сега за долгот, истиот оној за кој пред некоја година се тврдеше дека е релативно мал.

– Вкупниот долг на Општината е околу 5-6 милиони евра. Покрај сите инвестиции кои ги правиме имаме вратено околу 10 милиони евра. Остануваат уште 5 милиони евра. Кон „Кратер” имаме долг од 2 милиони евра, исто така кон „Гранит” но тоа е нова судска одлука како нов долг, а стариот го вративме, изјави поранешниот градоначалник Александар Петрески на 14. октомври 2010. година.

Сега сите заедно ја чекаме вистинската бројка, колку е навистина долгот на Охрид. Првичните, неофицијални бројки се поразителни и велат дека долгот (во милиони евра) нема да биде помал од бројот на месеците во годината или поголем од бројот на адресата на Општина Охрид.

3 за 100 – За охридските Масони…

 

ohridskimenhetnАбе тоа ербап ти биле ова судииве од Уставен. Да ти решат да ги подзастанат на момент забревтаните охридски (и од пошироко) Масони, кои градеа, и градеа, и градеа, и градеа… Градеа и се заборавија. Како што стојат работите со продажбата на становите на потегот кај „Бејбунар“ или ти охридски „Менхетн“ како што од милост ни ја нарекоа на почетокот оваа градителска грдотија, која ќе го стави крстот на (скоро) починатиот охридски туризам, Уставен дури и услуга им направи (без да сака). Вака како што беа тргнати работите, ќе започнеа да продаваат и станови како што „брату“ од Пустец (навистина е од таму, нека не Ви оди одма умот на гласање и „Максим Ѓорѓија“) продава чорапи по чаршијата и дуќаните – 3 за 100 (илјади евра де, да не се разбереме погрешно).

Ако некој пропушти некоја од бројките, само да знаете дека на таа локација се предвидени 39. згради. Сега тоа множете го со бројот на станови, па да разговараме за следната туристичка сезона каква ќе биде. Ајде веќе ако сакате уште бројки – Дали знаете дека со ова градителско чудо ќе ја надминеме бројката од 10.000 ( со букви десет илјади ) станови кои не се од охриѓани. Е сега дигитроните в рака и таа бројка по 3-4 стални гости на лето кои не се гости. А не се гости затоа што ретко кој од нив ќе седне во рестораните, ретко кој ќе купи било што освен најнеопходното. Ќе си слезат наутро и како сите ние и ќе си купат леб и млеко, на пазар по се што треба и после ние „ќе тераме туризам“. Додека одговорните за туризам се рашетуваа по светот, колку да се пофалат каде биле, додека се трошеа големи пари во проекти кои ќе донеселе гости, некој овде паралелно со нив делеше маркички за изградба на стамбени згради. Се гради и се купува без контрола и после Цацко ни е крив што немало гости. А најстрашно од се е што градот е преполн, ама тие луѓе никаде не се регистрираат. Колку е само жално да се гледаат нашите сограѓани, чесни и семејни луѓе, како со празни очи стојат на сонцето и чекаат туристи со таблички „Соби“ и тоа на Булеварот кој, која иронија, се вика „Туристичка“. А и со името на улицава слушам имало интересна приказна, ама и за тоа друг пат.

Ако би оделе сега бел – црн бумбар, последнава тема која ја издвоивме за оваа недела, секако дека во моментов би добила сив ( кон црн ) бумбар

 

subrataroy123Субрата не се откажувал од Љубаништа, така некако би била сублимирана оваа информација, плус и намерите му биле „сериозни“. Е ајде нека биде така. Дури и да легнат парите на сметка, нека каже некој од ова стручњациве по кој пат ќе се разминуваат камионите кои ќе носат материјали до местото (на злосторството), кој ќе донесе струја, вода. Вакви какви што сме брзи и експедитивни, ќе ни требаат неколку години само инфраструктура да му направиме на човекот, пат, струја и вода да му донесеме. А и ако некој мисли дека жителите на Љубаништа толку лесно ќе се откажат од земјата на дедовците, се лажете многу, верувајте. Далеку е 1948-ма, многу водата протече од тогаш и овој народ веќе не е толку уплашен, а уште помалку наивен кога се работи за прашања од кои зависи нечија лична и семејна иднина и благосостојба.

Манастирскиот комплекс во Св. Наум бил одбран од светецот затоа што сакал да ја развива својата благородна мисија во ова парче од рајот паднато на Земјата. Легендата вели дека е убаво да се преспие таму некогаш, колку ЗА УМ… Има едно 10-15 луѓе во оваа држава на кои им треба и повеќе од една вечер.

Чисто онака, ЗА УМ, зш од него си патиме.

Ту би кантинјуд…
Сашо Митан

За Охридцките работи на Facebook

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука