Струга, 18. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – На Facebook страницата Draganstory е објавена фотографија од лебед, кој има дел од рибарска тапа во клунот, а најверојатно е закачена и јадицата.
Нема повеќе детали каде се наоѓа птицата, но според останатите фотографии на профилот, најверојатно се работи за струшкиот дел од езерото.
Како редакција апелираме итно да се залови птицата и секако да и’ се пружи помош за да се избегнат несакани последици за овој вистински украс на нашето езеро.
Лебедите се гнездат во периодот април-мај, а постарите паметат многу поголема бројност на овие прекрасни птици во охридскиот регион. Како главни причини за намалувањето на нивниот број се наведуваат загрозувањето на нивните живеалишта во природата, но и огромното влијание на човекот врз животната средина. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Draganstory