Охрид, 8. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во 88. година од животот, во Охрид, почина ликовниот уметник и педагог Ѓоко Целески.
Учествувал на бројни самостојни и групни изложби, како и на ликовни колонии во Македонија (Кнежино), Албанија и Бугарија. Застапен е во книгата „Сликарството во Охрид во 20 век“ од Јорданка Матова, како претставник на втората генерација ликовни уметници. Целески е основач на најстарата ликовна колонија кај нас, „Дебрца“, во селото Белчишта, воедно, и со најбогат фонд од над 700 уметнички дела. Ја чувствуваше како своја рожба, како свое чедо. Нагласуваше дека ја негува, колку и своите деца и внуци.
Зад Ликовната колонија „Дебрца“ стои создателство од платна на великани во ликовната уметност, од постарата, но и помладата генерација. Професорот Димче Коцо, потоа Вангел Наумовски, Јоне Симонче, Јордан Манасиевски, Љупчо Стефаноски, Мето Георгиевски, Менде Иваноски, Васко Ташковски, Сергеј Андреески, Петар Мазев и многу други.
Од 1983 година, Колонијата има своја Галерија, а од 2005 година, свој, современ објект со сите услови за галерискo ускладиштување и презентирање. Учество зеле над 200 уметници, од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Грција, Полска, САД, Канада, Герамнија, Малезија, Русија, Узбекистан, Украина, Кипар, Монголија и други земји. Организирани се 115 изложби во Република Македонија, додека Колонијата соработувала со многу слични од Македонија и другите земји, како и со Факултетот за ликовна уметност во Скопје.
Целески ќе биде погребан утре во родното Белчишта. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива