In Memoriam: Почина писателот и новинар Наум Бајо
јануари 11, 2025

Струга, 11. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Во понеделник, на 13-ти јануари 2025 година, во 13:00 часот во Струга ќе му се оддаде последна почит на еден од најголемите чувари на македонскиот пишан збор, писателот и новинар Наум Бајо.

– Неговото перо беше симбол на вистината, а неговата храброст-инспирација за сите нас. Роден на 30 април 1943 година во Долна Белица, Бајо уште од млади години го посвети својот живот на пишувањето и новинарството. Како член на Друштвото на писатели на Македонија, Бајо остави длабок белег во македонската книжевност. Со своите дела, меѓу кои романите „Црвените птици над Рим“, „Часовник од цвеќе“, „Камено сонце“, збирката раскази „Живот“, како и трите тома ,,Мојата Струга” тој создаде светови што зборуваат за човечките судбини и вечните вредности. Но, Наум Бајо не беше само книжевник. Неговата работа како новинар и хроничар на животот на Струга и нејзините луѓе беше непроценлива. Неговите записи ги оживуваа спомените за старите занаети, истакнатите личности и настаните кои го обликуваа нашиот град. За неговиот придонес, Бајо во 2022 година ја доби престижната награда „Петковиот аманет“ за животно дело, со што неговата работа беше официјално признаена и прославена. Неговите дела, исполнети со длабока човечност и љубов кон родината, ќе останат како незаборавно сведоштво за едно време и еден човек кој не се покоруваше пред злото. Додека се простуваме од Наум Бајо, ја славиме неговата вечна оставштина. Тој беше и ќе остане пример за тоа како еден човек, преку зборот, може да го промени светот. Нека почива во мир, а неговите дела нека живеат засекогаш во нашите срца, вели за Бајо Димче Шипинкаровски од ЗЛК „Бран“ од Струга. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука