Охрид, 29. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во манастирскиот комплекс „Св. Спас“ во Горно Лакочереј, со почеток во 13:00 часот, денес ќе се одржи IV-та Поетска манифестација „Охридски поетски бисер“.
– Манифестацијата со својата благородна мисија има за цел афирмирање, пренесување и зачувување на македонскиот јазик, не само во Македонија туку и низ целиот свет. Сите љубители на поезијата по претходно објавен конкурс имаа можност да станат дел од промоторите на пишуваниот поетски, македонски јазик и литературата воопшто. Од над стотина пристигнати поетски творби жири-комисијата одлучи на манифестацијата да настапат 70-тина поети од Македонија и странство, информираат организаторите Мирко Томовски, Митре Мангоски Радождански, Перчо Божиновски, Трифун Ѓорѓиоски и Наум Трајчески.
На манифестацијата ќе бидат доделени три награди за најубава песна, како и награди за најдобар млад автор, најдобар странски автор, најдобра интерпретација на песна и награда за животно дело. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива