Тушемиште/Охрид, 23. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Невладината организација Lake Ohrid Heritage од Тирана, Албанија, на нивниот профил на Facebook објави фотографии од градежните активности на брегот на Охридското Езеро од албанска страна кај селото Тушемиште, во непосредна близина на Националниот парк Дрилон, кој е биолошки резерват заштитен од УНЕСКО.
Изворите Дрилон, се од карстно потекло и се вливаат во југоисточната страна на Охридското Езеро, во близина на селото Гурас, кај градот Поградец.
– Дрилон ја изгуби својата оригиналност. Не е повеќе оаза покриена со врби. Ги нема повеќе полжавите и патките. Има многу малку зеленило. Додадени се мостови, и тоа десетина железни, а не дрвени мостови. Водата е многу загадена. Туристичкиот информативен центар е сè уште во изградба. Не знаеме дали ќе има музеј, иако на оваа земја најмногу и треба Музејот на биолошката разновидност, бидејќи во УНЕСКО се нотирани извонредните природни вредности, со над 300 ендемични видови… Во Паркот е отворена патека за картинг, стои во објавата.
Од Lake Ohrid Heritage додаваат дека во меѓувреме, во Тушемиште се изградени платформи кои се длабоко влезени во езерото.
– Дали сето ова е во согласност со препораките на УНЕСКО? – прашуваат од Lake Ohrid Heritage, од каде додаваат дека наскоро во Поградец треба да пристигне набљудувачка мисија на УНЕСКО.
Планот на албанскаиот премиер Еди Рама за изградба на пристаниште и шеталиште на целата крајбрежна зона од Дрилон до Тушемиште наиде на силни критики од албанските, но и од македонските екологисти. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Lake Ohrid Heritage