Нови Сад, 18. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Еден од најнаградуваните музичари на сите времиња, основачот и пејач на групата Oasis, Liam Gallagher, ќе го отвори Exit фестивалот на 6-ти јули.
Liam со Oasis има освоено дури 37 најпрестижни музички награди, а овој манчестерски бенд кој медиумите го прогласија за наследник на Битлси, за само три години од својот прв, стигна и до најголемиот рок концерт во британската историја. Неговиот настап на Exit ќе биде посебен, бидејќи покрај хитовите на Oasis, Liam ќе го претстави и својот прв соло албум кој медиумите веќе го прогласија за еден од најисчекуваните во 2017-та година.
Истата ноќ како и Liam, уште еден музичар кој ги полни стадионите доаѓа на Exit, но на импозантната Денс Арена. Германскиот техно продуцент Paul Kalkbrenner неодамна настапи пред пола милион луѓе пред Бранденбуршката капија, потврдувајќи го статусот на една од најголемите ѕвезди на денешницата. Liam и Paul ќе го одбележат отворањето на фестивалот, додека пак завршната, голема журка, по пример на минатогодишниот настап на David Guetta, на главната бина ќе го приреди човекот кој последните пет години е еден од водечките три светски диџеи, од кои првопласиран е дури две години по ред – Hardwell.
На главната фестивалска сцена стигнува и гласот на новата генерација, популарниот 22-годишен англиски кантавтор Jake Bugg. Во четврток, на 6-ти јули на „Мејн стејџ“ доаѓа и триото кое го предводи Alan Walker, автор на хитовите „Faded“, „Alone“, „Sing Me to Sleep“ и други кои заедно достигнуваат две милијарди „ЈуТјуб“ прегледувања, додека третата вечер, на 8-ми јули, ќе настапи и популарната хип-хоп и дабстеп група Foreign Beggars. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива