Охрид, 14. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охрид е меѓу 10-те историски и природни богатства на Република Македонија, кои ги препорачува престижниот National Geographic во написот на новинарот Avery Stonich.
– Македонија би можела да биде една од најфасцинантните и недоволно промовирани места во светот. Поранешната Југословенска република, сега малечка држава, малку поголема од Вермонт е сместена помеѓу Грција, Албанија и Бугарија. Во Македонија денес се чувствуваат Персиските, Грчките, Римските, Отоманските, Српските и Руските влијанија. Младите се дружат со чашка ракија или кафе, а христијанските цркви го делат небото со муслиманските џамии, стои во написот од каде се потенцираат и 10-те причини зошто треба да се посети Република Македонија.
Покрај прекрасниот Охрид за кого во написот се вели дека „се наоѓа на брегот на езерото кое е постаро од милион години“, National Geographic препорачува неодложно да се посетат и Скопје, Крушево, Маврово, Матка и други локации, а неодложно да се проба и вкусната храна.
– Едно е сигурно, во Македонија нема да останете гладни. Македонската кујна е спој на Турската, Медитерансакта и Балканската. Пробајте го бурекот со месо, сирење или спанаќ, ајварот, шопската салата, вкусното гравче, но и меленото месо и јагнешкото месо. Ова во комбинација со врвно вино, од некоја од 84-те винарии во земјата. Национален пијалок е ракија, пијалок кој Ви го гори грлото, но кој е причина Македонците најчесто да имаат причина да наздравуваат, стои во веста објавена од страна на престижниот National Geographic. (Крај)
извор: National Geographic фото: National Geographic