Oд Божик до Водици се некрстени денови, време кога Русалиите со ритуални поворки го штителе населението
јануари 12, 2025

Охрид, 12. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на дванаесетте некрстени денови, од Божиќ до Водици (Богојавление) дејствуваат Русалиите, кои со ритуални поворки го штителе населението.

Во македонската народна традиција овие денови се нарекуваат некрстени, погани, нечисти, мрсни или ристосови денови. Ова е период во кој Исус Христос се уште не бил крстен, период кога владее општ хаос. Марко Цепенков за овие денови запишал: „Навечер не бидувало да шијат терзиите, ниту жените бидувало да предат и друга работа да работат од Божик до Водици, чунки не била крстена водата и леунка била Богородица“. Во овој период се смета дека земјата е отворена за душите на мртвите, за разни вампири, караконџули, вештерки, бабароги, односно нечисти сили кои излегуваат од своите подземни светови и престојуваат во земниот свет.

Поради овие причини, во минатото се изведувале разни ритуални поворки кои дејствуваат во истиот период, со цел да служат за заштита на населението. Русалиските игри и обичаи се изведуваат токму во овој период затоа што тогаш не се работи на поле или тој период е мртов за полски работи…

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Русалии, вистината и историјата за помалку познатата македонска традиција

Русалиските обичаи и игри во селото Секирник, во општината Босилово, со години се од интерес на научното истражување за повеќе фолклористи, етнолози, етномузиколози и етнокореолози. Во селото Секирник, кое се наоѓа на 12 километри источно од Струмица, на тромеѓата меѓу Република Бугарија и Република Грција, живее население главно доселено од Кукушко во 1913 година. Тоа население го добива името Бежанци и до ден-денес и нивните потомци се идентификуваат со тоа име. Овие луѓе оставиле и изгубиле сѐ во своите родни краишта, но ги зачувале духот, традицијата и обичаите. А токму тоа го зачувале русалиите со своите игри и традиција. До 1931 година русалиските групи играле главно за Вакуф, т.е. собирање пари, материјални добра, со единствена цел да се изгради она најпотребното во селото. Така е изградена и црквата „Пресвета Богородица“ во селото, осветена во 1931 година, која и денес е гордост на селото. По Втората светска војна, русалиската дружина настапувала на фолклорни фестивали, смотри и државни празници. Оттогаш секој Божик и Велигден се слават со целовечерен концерт на русалиите токму во дворот на црквата. Првата регистрација на културно-уметничкото друштво „Русалии“ е во 1972 година, а во 2010 година започнале да ја етаблираат важната манифестација „Средба на русалиите“. Машките поворки русалии во Република Македонија со одлука се прогласени за културно наследство од особено значење, поткатегорија со исклучително значење.

Мисијата на русалиите

Русалии се мажи облечени во специјална народна носија што изведуваат обредни игри, и тоа во деновите од 6-ти до 15-ти јануари, наречени од народот некрстени дни. Оваа носија со обредна намена се состои од платнена кошула и фустан – бело платнено, многу набрано здолниште, кое се носи преку белите клашнени ногавици – ѕиври, на горниот дел на телото се носи елек од пругаста шарена волнена ткаенина, врз кој се носат украсни додатоци и декоративно орнаментирани крпи. Волнени црвени чорапи, со многу вплетени геометриски мотиви и опинци, го оформуваат обувањето на нозете. Оваа декоративна носија е дополнета со дрвена сабја, која игроорецот русалија ја држи в рака, а при изведувањето на обредната игра замавнува со неа, со цел да ги растера и уништи лошите демони. Својата мисија русалиите ја спроведуваат така што одејќи од куќа во куќа „ги бркаат злите духови“, лоши и негативни сили. Поради светоста и важноста на мисијата, нивното заминување е чин на збогување со најблиските, па следува благослов од свештено лице со попрскување со осветена вода и бакнување на крстот.

Древен обичај

Русалиските дружини или чети се состојат од десет, дваесет или триесет двојки. Се движат по двајца, а се однесуваат како едно тело, две раце и две нозе. Хиерархијата и дисциплината во русалиските дружини се одвива според закон. Тоа значи дека напред одат балтаџијата и ќесаџијата. Орото го заводува танчарот – јузбашијата. Паралелно покрај дружината одат двајца чауши, еден напред, еден назад во колоната, па уште двајца до четворица слуги и еден до двајца гласници. Балтаџијата во десната рака носи секира (балтија), а сите други носат кал‘чки (сабји), кои ги држат исправени нагоре. Дисциплината меѓу русалиите е на највисоко ниво, со строга хиерархија, а единствена комуникација има само меѓу балтаџијата, ќесаџијата и двајцата чауши. За време на мисијата телесната и духовната чистота на игроорците е задолжителна. Влезот во секое населено место е со претходно одобрување на месниот поглавар (старешина) или кмет и се одвива преку гласникот. Русалиите со сите почести и гордост ја имаат можноста да бидат угостени и да играат во дворовите и куќите. Во куќа каде што има некој болен, тројца од игроорците влегуваат внатре до постелата на болниот и со замавнување и вкрстување на сабјите го изведуваат ритуалот за да ја избркаат болеста. Мисијата на русалиите трае дванаесет дена, кои се т.н. некрстени денови, и се одвива во период од првиот ден на Божик до Богојавление Водици. Потоа следува предавање на сите денови, материјални добра и пари добиени за време на мисијата. За себе русалиите не задржуваат ништо. При чинот на влегување во црквата по враќањето, тие влегуваат со исправени сабји нагоре и следуваат молитва и причеста од свештеникот. При излегувањето од црквата, сабјите се свртени надолу, со што симболично се најавува дека мисијата е завршена. Дури тогаш можат сите русалии да се соберат заедно и да раскажат за своите импресии. (Крај)

извор: ОхридПрес/Нова Македонија фото: архива/Горан Анастасовски

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука