Охрид, 11. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Oпштина Охрид беше промовирана како дел од Иницијативата за отпорни градови Making Cities Resilient 2030 (MCR2030) во рамки на Регионалната платформа за намалување на ризици од катастрофи во Европа и Централна Азија за 2024, која се одржа минатата седмица во Будва, Црна Гора.
Во рамки на тридневниот настан на кој учествуваа лидерите за цивилна заштита и над 700 учесници од 55 замји-членки на ОН, на претставниците на Општина Охрид им беше доделен сертификат за официјално учеството во иницијативата MCR 2030. Дел од оваа иницијатива се и општините Ѓорче Петров и Гази Баба.
Покрај министерската тркалезна маса и сесиите на високо ниво, учесниците на платформата беа вклучени во лаборатории за учење и сесии предводени од експерти се фокусираа на теми како што се ангажманот на приватниот сектор, отпорноста на инфраструктурата и системите за рано предупредување за повеќе опасности.
Making Cities Resilient 2030 (MCR2030) е уникатна иницијатива меѓу засегнатите страни за подобрување на локалната отпорност преку застапување, споделување знаења и искуства, воспоставување меѓусебно зајакнувачки мрежи за учење од град до град, техничка експертиза, поврзување на повеќе слоеви на владата и градење партнерства.
MCR2030 во рамки на Канцеларијата на Обединети Нации има за цел да обезбеди градовите да станат инклузивни, безбедни, еластични и одржливи до 2030 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива