Охрид, 5. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни охриѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.
За тоа како го поминуваат времето во карантин и со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со Мишко Танески од авантуристичкиот клуб „Mountain madness“.
OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?
Танески: Искрено кажано, тоа што треба да седам дома не ми преставува голем проблем. Моето искуство од минатото, каде што сум бил во многу потешки ситуации, придонесува лесно да се справам со карантинов. Иначе цело време ги следам медиумите и пратам секоја новост во врска со короната.
OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?
Танески: Пред се’ медитација. Сега има баш доволно време. Потоа секако некој добар филм, добра книга. Сега имам и доволно време за прибирање на белешки околу мојата книга која планирам да ја започнам во месец септември.
OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?
Танески: Што се однесува на филмови, би го предложил „Пајакот во мрежата“. Музика, секако Енио Мориконе, а моментално ја читам книгата „Анапурна“ од Маурис Херзог. Ја препорачувам на сите љубители на планината.
OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?
Танески: Немам никаков проблем со храната бидејќи веке 15 години строго внимавам што јадам. Вежбам дома, имам собен тренажер и трчам по скали од приземје до 5-ти кат по 20 пати. Знам дека ситуацијата делува психички, па се посегнува повеќе по храна. Мој совет, колку е можно избегнување на леб, газирани сокови и алкохол. Ова ќе помине за брзо и ќе дојдат подобри времиња. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива