Охрид, 5. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни охриѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.
За тоа како го поминуваат времето во карантин и со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со Филип Стефаноски, првиот човек на туристичката агенција DMC Balkans.
OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?
Стефаноски: Поради моите професионални обврски кои зависат од одлуките на нашата Влада и одлуките на меѓународните институции ширум светот, мора да ги следам информациите. На почетокот тоа беше поинтензивно, сега повеќе посветувам внимание на пронаоѓање различни занимации, кои ќе ни го оттргнат вниманието и ќе ни дадат позитивни мисли.
OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?
Стефаноски: Бидејќи мојата ќерка има 3 годинки, а мојот син 6, мораме постојано да пронаоѓаме занимации. Цртаните се неизбежни за Дарија, додека Андреј има и обврски со учењето, бидејќи е прво одделение. Покрај тоа, играње на различни игри на Сони плејстејшн и компјутер се неизбежно секојдневие. Додека јас и мојата сопруга го пополнуваме времето со читање на книги, некој добар филм и социјални мрежи и задолжителен домашен фитнес тренинг. Физичката активност е многу важна за подигнување на имунитетот во вакво вирусно време.
OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?
Стефаноски: Јас сум љубител на читање книги. Доколку сте претприемачки заинтересирани за добра книга Ви ја препорачувам книгата на Џим Колинс „Преминувањето од добри во одлични“, доколку Ви треба мотивација и добри мисли „Патот кон величенственста“ од Робин Шарма е одлична идеја, секоја вечер дополнително пред спиење ја додавам и Библијата која е одлична за секоја прилика. Додадете музика која ја сакате и Вашето расположение ќе се подигне. Јас сум романтичар по душа и затоа редовно ги слушам Оливер Драгојевиќ, Галија, Стинг… Добра серија која можете да ја погледнете на Netflix е новата 5-та серија La casa de papel, доколку сте заинтересирани за историски можете да ја погледнете и „Марко Поло“ или „Освојувањето на Константинопол“, нема да згрешите во секој случај.
OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење на семејството Стефаноски за полесно да помине карантинот?
Стефаноски: Веќе година дена јас спортувам активно и инсистирам на здрава храна. Истата дава енергија, а самото тоа Ви придонесува за подобро расположение. Внесување на овошје и зеленчук задолжително, избегнување на шеќери, свежи сокови е одлична идеја во текот на целиот ден. Бидејќи мојата сопруга одлично готви и знае што сакам најмногу, не и’ се мешам во тоа што е планирано за подготвување. Пилешко подготвено со свежи зеченчукови производи, морков, брокули и благ компир, подготвен со маслиново масло е добра идеја.
OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?
Стефаноски: Првенствено ќе се посветам на оправување на туризмот во Охрид и Македонија. Ја знаете мојата љубов околу туризмот и мојот Охрид, дружењето кое го нема во моментов со моите блиски другари и пријатели, кафе, ручек или вечера во моите омилени места, и нормално многу гушкање со луѓето кој ми недостасуваат во моментов. Останете дома, ќе помине се’, и се’ ќе се врати во нормала. Секое лошо за добро е. Божји благослов за сите Македонци, Македонија и ширум светот, бидејќи ни треба сега повеќе од кога и да е! (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива