Скопје/Охрид, 20. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Нискобуџетната авиокомпанија Wizz Air продолжи да го намалува расположливиот капацитет на седишта на речиси сите пазари во поранешна Југославија во текот на наредниот четврти квартал во споредба со истиот период минатата година.
Поради инспекциите на моторите на авионите кои приземјија 35 авиони кои беа дел од флотата, во 2025 година, авиокомпанијата се очекува да пристапи кон намалување на трошоците, јави регионалниот портал за авијација EX YU Aviation News.
Во Скопје, каде Wizz Air ја има најголемата база во поранешна Југославија, компанијата ќе го намали капацитетот за 22,6 отсто во споредба со 2023 година, или 125.726 седишта помалку од минатата година.
Слично ќе биде и во Охрид, каде се очекува намалување за 32,6 проценти, или 17.858 седишта.
Покрај пазарите од поранешна Југославија, во четвртиот квартал од оваа година, Wizz Air ќе има помалку седишта во: Луксембург (целосно повлекување), Бугарија, Норвешка, Романија, Грција, Кипар, Шведска, Литванија, Исланд, Полска, Холандија, Франција, Германија, Латвија и Малта. (Крај)
извор: exyuaviation.com фото: архива