ноември 2, 2021

Скопје/Струга, 2. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – По изјавата на Директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Дејан Павлески за планираната изградба на луксузни ски центри на Јабланица, Светската организација за заштита на природата – WWF и Еко-свест реагираат дека овие планови се во спротивност со заштитата на природата и со меѓународните стандарди.

Само пред две години, Споменикот на природа „Вечански извори“ кој се протега на 1370 хектари на планината Јабланица го доби својот План за управување кој овозможува активна заштита, како резултат на напорите на Општина Вевчани и Еко-свест. Важноста на ова подрачје ја потврди и одлуката на Владата да ја прогласи планината Јабланица за национален парк. Потсетуваме дека во Планот за управување, пределот над Вевчани не е предвиден за изградба на ски центри и хотелски комплекси, а генерално, изградба на инфраструктура за масовен туризам не е дозволена.

Во 2019 година, по неколку-годишни напори од општината и Еко-свест, Споменикот на природата „Вевчански извори“ го доби Планот за управување и се оспособи за активно да го штити и унапредува. Подрачјето зафаќа 1.370 хектари од планината Јабланица, за која има одлука од Владата да се прогласи за национален парк. Согласно Планот за управување, во подрачјето над Вевчани, нема место за ски центри и хотелски комплекси.

– Една од препораките во последниот експертски извештај од Бернската Конвенција за нашата земја е дека е потребно усогласување на просторните и секторските планови, особено за туризмот и урбаните населби со цел да се спречи понатамошна урбанизација и деградација во националните паркови и заштитените подрачја. Воедно, извештајот вели дека е потребно да се поттикнат одржливи, еколошки форми на туризам, кои се засноваат на стандардите на IUCN за туризмот во заштитените подрачја. Не смееме постојано да си дозволуваме непочитување на меѓународната заедница и ратификуваните конвенции и да одиме спротивно на овие препораки. Сите наши институции имаат еднаква одговорност да ги почитуваат овие препораки, а ваквите изјави се показател на некоординираност и неинформираност во системот, изјави Ана Чоловиќ Лешоска, Координаторка за политики за WWF Adria во Македонија.

– Според извештајот за проекции на климатските промени и за промени во екстремните климатски настани во Македонија, земјата ќе се соочи со потопла и посушна клима. Ова значи зачестени и продолжени сушни периоди во земјава како и значително поместување/ скратување на есенската и зимска сезона. Многу држави во светот кои имаат развиени скијачки центри во изминативе три години претрпеа огромни финансиски загуби токму поради покачување на температурите и недостатокот на снег. Изградбата на нови ски центри во земјава ќе биде скапа и финансиски неисплатлива инвестиција, додава Елена Николовска, Програмски координатор за клима во Еко-свест.

Дополнително, секоја инвестиција за масовен туризам за жал не носи придобивки на локално ниво и за локалното население, иако така честопати се претставува од страна на властите и инвеститорите. Ваквите проекти носат приходи за големите компании кои профитираат на сметка на уништување на природата и локалните ресурси.

Од WWF и Еко-свест додаваат дека ја упатуваат својата реакција јавно и до Агенцијата за странски ивестиции и бараат ревизија на предложените проекти кои се однесуваат на ски центри во идни национални паркови и заштитени подрачја. Бараат да се направат алтернативни планови за одржлив туризам за што стојат на располање на надлежните институции. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука