Здравје: Храна која ја намалува болката во зглобовите
декември 21, 2024

Охрид, 21. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Многу луѓе имаат проблеми со болки во зглобовите. Постојат различни начини на кои можете да се справите со овие болки и да се обидете да ги намалите, а еден секако е и преку исхраната.

Според нутриционистите фокусирањето на храна богата со антиоксиданси и антиинфламаторни својства може да ја подобри способноста на телото да закрепне и да ги заштити зглобовите од понатамошно оштетување. Издвојуваат пет видови храна кои треба да ги додадете во вашата исхрана.

Риба

Мрсната риба е богата со омега-3 масни киселини, за кои истражувањата покажаа дека можат да помогнат во намалување на воспалението во телото. Омега-3 масните киселини можат да го намалат производството на воспалителни хемикалии во телото, што доведува до намалување на болките во зглобовите и вкочанетоста. Додајте риба како лосос, скуша или сардини во вашата исхрана. Целта е да се консумираат најмалку две порции мрсна риба неделно.

Куркума

Куркумата е популарен зачин кој содржи куркумин, моќно соединение со силни антиинфламаторни својства. Со векови се користи во традиционалната медицина поради способноста да ги намали воспаленијата и болката, особено кај пациенти со артритис. Овој зачин можете да го консумирате во различни комбинации, во јадења како супи и смути бидејќи може да помогне во ублажување на болките поврзани со болести на зглобовите.

Бобинки

Богати се со антиоксиданси и помагаат во борбата против оксидативниот стрес и ги намалуваат воспаленијата во телото. Бобинките, особено боровинките, содржат антоцијани, соединенија кои се борат со воспаленијата и ги штитат зглобовите од понатамошно оштетување. Покрај боровинки, добро е да јадете и капини, јагоди, малини и други видови бобинки.

Ѓумбир

Слично на куркумата, ѓумбирот е уште една природна антиинфламаторна состојка. Докажано е дека ѓумбирот блокира одредени воспалителни процеси во телото, ја ублажува болката кај луѓето кои страдаат од состојби како што се остеоартритис и ревматоиден артритис. Шолја чај од ѓумбир дневно или свеж ѓумбир додаден во оброците е едноставен и ефикасен начин за намалување на болките во зглобовите.

Маслиново масло

Идеално е да се консумира секој ден, а секако по можност барем неколку пати неделно. Екстра девственото маслиново масло е полно со антиоксиданси и здрави масти, особено олеокантал. Не само што е здраво за срцето, туку помага и за подмачкување на зглобовите, правејќи го движењето полесно и помалку болно. (Крај)

извор: index.hr фото: index.hr

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука