Охрид, 2. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Автопат, трговски центар, затворен базен, загадување, згради… И во новата 2025 година овие зборови остануваат помеѓу најскапите во нашиот Охрид.
Премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски вчера повтори дека очекува пред почетокот на туристичката сезона во Охрид да биде пуштена и делницата од Врбјани до Охрид на автопатот Кичево-Охрид, со исклучок на делот кај Ботун, каде има свлечиште на чие отстранување се работи. Додаде дека до крајот на 2026 година се очекува да се пушти целата автопатска делница.
Иако е дамнешно барање и желба на охриѓани, се’ уште во градот нема трговски центар кој би работел во полна сила и со сериозни брендови. Граѓаните ја имаат желбата, а сопствениците на капиталот се соочени со реалноста дека градот има се’ помалку жители и дека инвестицијата многу тешко и долго се враќа со активна работа од неколку „посилни“ месеци во годината и се’ поизразениот проблем со соодветна работна сила. Големите брендови тешко се одлучуваат да закупат простор во помали средини, а бројките на секојдневно иселување на жители, овој проблем го прават уште поголем и посериозен. Охриѓани затоа викендите ги користат за прошетки во Албанија, каде најчесто се посетува центарот TEG-Tirana East Gate, Грција со неизбежната Ikea, но и центрите Mediterranean Cosmos и One Salonica Outlet Mall, како и нашиот главен град Скопје, каде најчеста „мета“ на купувачите се City Mall и East Gate Mall. Датумот на отворање на „Охрид Мол“ сега е поместен за мај годинава и да се надеваме дека конечно Охрид и регионот ќе добијат современ шопинг центар.
Затворен базен исто така останува еден од најскапите зборови во Охрид. Ова дамнешно ветување на сите политички групации од претходно започна да се гради во далечната 2015 година, но за жал, и понатаму останува само ветување за охриѓани. Почетокот на градежните работи беше означен на 12-ти ноември 2015 година, а првичниот договор предвидуваше овој спортски објект да биде завршен најдоцна до април 2018 година. Потоа како следни крајни рокови беа зададени 2020, односно 2021 година. На вториот ден од 2025 година, а состојбата и понатаму е на статус „ќе“, а затворениот базен е токму таков – затворен.
Загадениот воздух стана реалност во Охрид. Градот често е помеѓу првите 2-3 најзагадени градови во државата. Проблемот со депониите „Буково“ и „Мауцкер“ го актуелизираат дел од медиумите и еколозите, а дали ќе имаме конкретен исчекор на ова поле, останува да покаже времето.
Охрид како најголемиот туристички центар кај нас не успева да најде сила да го запре својот „самоубиствен“ круг, кој го претвора градот во една голема колективна спална и е сериозен удар врз туризмот. Постојано добиваме нови „охриѓани“ кои не се туристи, си имаат свои станови кои ги користат со пошироките семејства. Старата болка остана, нема стратегија за да се реши проблемот, а најголемиот проблем е што како и да се нема желба за истото. Сегментите во живеењето на градот ги гледаме парцијално, а не како една целина и еден жив организам кој треба да функционира со сите особености кои ги носи животот во градот. Она што е јасно е дека сметката за ова што „го јадеме“ ние сега, ќе ја платат нашите деца и внуци.
Ги има уште толку многу. Кој е вашиот најскап охридски збор? (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес