News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
октомври 21, 2024

Скопје/Охрид, 21. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Месецов е период на транзиција од летен во зимски распоред на летовите, па според информациите што ги споделуваат од ТАВ Македонија во септември од аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, минатиот месец летале седум компании кон девет дестинации.

Додека во првите девет месеци се бележи раст од три проценти на бројот на патници на двата аеродроми, зголемен тренд од ТАВ Македонија забележале и изминатите години.

Бројот на патници во 2019 изнесувал речиси 2,7 милиони. Пад се бележи само во пандемската 2020 кога поради ковид-кризата имало само 782.876 патници. Следната година повторно да има нагорен тренд со 1,4 милиони патници, за во 2022 тој да изнесува речиси 2,4 милиони.

Лани, на двата аеродроми поминале 3,15 милиони патници. Тие тие летале со речиси 24 илјади летови.

Најфреквентни дестинации од Скопскиот, пак, биле Истанбул, потоа швајцарските градови Базел и Цирих, а по нив се германските Франкфурт и Дортмунд, како и австрискиот главен град Виена. Топ десетте дестинации ги заокружуваат Минхен, Анталија, Хамбург и Келн. Малку поразлична е ситуацијата за Охрид, каде во првите го нема Истанбул, но тука се Малме и Амстердам, кои се петто и седмо место. Првото го држи Базел, а потоа следуваат Виена и Дортмунд.

На скопскиот и охридскиот аеродром минатата година беа опслужени 3,1 милиони патници. Во првите девет месеци, годинава, според податоците кои ги доби РСЕ, нивниот број изнесувал 2,4 милиони и се бележи зголемување од 3 проценти во споредба со лани. За аеродромскиот оператор, ТАВ Македонија кој раководи со двата аеродрома во земјава, новиот модел на субвенционирање е прифатлив и очекуваат дека ќе имаат повеќе патници.

– Според проценките овие субвенции би биле одлична можност и би имале голем ефект врз зголемувањето на бројот на нови дестинации. Дополнително, тие би привлекле нови авиокомпании кои би летале скопскиот и охридскиот аеродром и следствено би го зголемиле бројот на патници и туристи во земјава, велат од македонската подружница на ТАВ Аеродроми.

Нови авиолинии до Скопје и Охрид треба да почнат да функционираат по Нова година. Деновиве завршува евалуацијата на понудите што ги доставија авиокомпаниите по јавниот повик за субвенции што го распиша Министерството за транспорт и се очекува наскоро и официјално да бидат објавени дестинациите со кои ќе се поврзат двата македонски аеродроми. (Крај)

извор: Радио Слободна Европа фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука