Охридскиот фотограф Ристе Спироски со одлична фотографија од кометата Tsuchinshan-ATLAS
октомври 13, 2024

Охрид, 13. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Познатиот охридски фотограф Ристе Спироски синоќа сними одлична фотографија од кометата Tsuchinshan-ATLAS на небото над Охрид.

– Кометата Tsuchinshan-ATLAS над Охридското Езеро. Денес по зајдисонце, бевме сведоци на кометата како го осветлува небото над најстарото езеро во Европа, Охридското Езеро. Гледајќи ја оваа комета со зајдисонцето во позадина, се чувствував нереално. Првпат е видлива оттука и ќе можеме да ја гледаме следните неколку дена. Не пропуштајте ја можноста да ја видите, напиша авторот на неговиот профил на Facebook.

Кометата последен пат можеше да се види од Земјата пред 80.000 години, а астролозите ја нарекоа „кометата на векот“, поради нејзината светлина и видливост. Откриена во јануари 2023 година, таа е голема комета, чијашто јачина на светлината би можела да биде најголемата во овој век воопшто. Последниве недели му се приближува до Сонцето и брзо го привлече вниманието на астрономите и истражувачите ширум светот.

Tsuchinshan-ATLAS или скратено „А-3“ е голема грутка од мраз и вселенска прав што доаѓа од Ортовиот Облак којшто се наоѓа во оддалечените делови Сончевиот Систем и го опкружува Сонцето. Се смета дека тој содржи милијарди ледени тела, вклучително и комети, коишто повремено навлегуваат во внатрешниот Сончев Систем поради гравитационите нарушувања.

Кометата веќе може да се види од Европа. Има два клучни периоди за набљудување од Земјата: На почетокот на октомври 2024 година, кометата ќе се појави на исток, ниско на хоризонтот, пред изгрејсонце. Но овој период ќе биде потешко таа да се види.

Периодот од средината до крајот на октомври ќе биде најдобар за набљудување, кога вселенското тело ќе се појави на запад, веднаш по зајдисонце. Оддалеченоста од Земјата ќе биде околу 71 милион километри.

Астрономите очекуваат дека, доколку условите се соодветни, ќе биде доволно светло за да се види и со голо око, или барем со двоглед. (Крај)

извор: Riste Spiroski Photography фото: Riste Spiroski Photography

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука