Охридските боксери златни се враќаат од 30. поединечно државно првенство во Битола
декември 23, 2024

Охрид, 23. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охридските боксери од клубот „Алексо Огненовски“ постигнаа забележителен успех на 30. поединечно државно првенство во бокс за сениори, јуниори, младинци и кадети кое се одржа во Битола и на кое ги добивме шампионите на Македонија за 2024 година.

Браќата Наум и Христијан Стојаноски се нови државни победници во нивните категории. Наум ја однесе победата во категоријата младинци до 71 килограм против Данаил Христовски од БК „Универзалци“. Во категоријата јуниори до 48 килограми Христијан беше подобар од Џанер Мемедов од БК „Пинк пантер“. Покрај нив со злато се закитија и  Петар Трајчески, кој во категоријата кадети до 46 килограми го победи Фејди Демиров од БК „Фамилија Демирови“, Михаил Аврамоски во категоријата кадети до 42 килограми кој беше подобар од Ендрит Рустеми од БК „Шкендија бокс“, Димитар Ѓорески во категоријата јуниори до 63 килограми ја однесе победата над Славчо Трпевски од БК „Шкендија бокс“, Енис Алиуво категоријата сениори до 75 килограми беше подобар од Мухарем Муареми од БК „Шкендија бокс“ и Лука Грозданоски кој освои бронза.

Натпреварите се одржаа во Спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола во сите возрани и тежински категории. Пред домашната публика која дојде во огромен број се претставија најдобрите боксери од Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука