Охрид, 27. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Утре во спортската сала на ОУ „Христо Узунов“ ќе се одржи работилница за изработка на ѕвездичките што ќе ги носат дечињата учесници во Бадниковата поворка.
Работилницата ќе започне во 12:00 часот.
– Ќе ја пееме „Вечниот Бог“ и ќе изработуваме ѕвезди. Најмили охриѓани ве очекуваме, порачуваат од Бадникови поворки Охрид.
Во меѓувреме продолжуваат пробите за Бадниковата поворка 2025 во Охрид.
Овојпат интерсот е поголем од претходно, а покрај од Охрид и околината ќе учествуваат и дечиња од Дебрца. Се очекува околу 2.000 деца на 6-ти јануари низ охридските улици да ја пеат песната „Вечниот Бог“, носејќи ѕвезди што ја симболизираат ѕвездата Деница што го покажала патот на мудреците до пештерата.
Поворката ќе тргне од црквата „Св. Ѓорѓија“ (Горна Влашка маала) во 10:30 часот, ќе се движи по улицата „Јане Сандански“, продолжува по булевар „Туристичка“, па по охридската чаршија и ќе заврши на Градскиот плоштад каде на учесниците ќе им бидат поделени и пригодни подароци.
На Градскиот плоштад веќе е поставена Бадниковата пештера која наликува на онаа во Витлеем каде што е роден спасителот Исус Христос(Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива