Скопје, 12. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Денешниот ден ќе донесе бројни одлуки од кои ќе зависи датумот на изборите, но и олеснувањето на мерките за заштита од коронавирусот COVID-19 во Република Македонија.
Со почеток во 13:00 часот, денес во „Вила Водно“ ќе се одржи средба на која се поканети претседателите нa парламентарните политички партии од власта и од опозицијата кои на последните парламентарни избори освоија пратенички мандати со самостојни листи. Како што претходно најавија од кабинетот на претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски, на лидерската средба ќе се разговара за актуелната состојба со коронавирусот и за натамошниот тек на политичкиот процес во земјата, односно за можните термини за одржување на следните парламентарни избори.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на последната прес конференција истакна дека е поминат врвот на епидемијата и дека најоптимален термин за одржување на изборите е средината на јуни. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, преку Facebook порача дека „според Венецијанската комисија, по завршување на вонредната состојба потребни се 60-тина дена за да се случат предвремени парламентарни избори, или парламентарни избори воопшто“. Од ДУИ се со став дека се за избори што поскоро, но бараат датумот да зависи од тоа како ќе се изјаснат надлежните органи и институции кои ја следат здравствената ситуација. Лидерот ДПА, Мендух Тачи е за избори во јуни, додека од Алијансата на Албанците сметаат дека најдобар термин за избори е крајот на јули или почетокот на август.
Комисијата за заштита од заразни болести денес ќе расправа за олеснување на превентивните мерки воведени за заштита од ширењето на вирусот COVID-19. Здравствените власти, како што е најавено, препораките ќе ги донесат врз основа на статистиката од последните два дена (11.05 и 12.05.2020 година, понедленик и вторник) за состојбата со епидемијата на коронавурос COVID-19. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива