Скопје/Охрид, 13. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – По претставка на политичката партија Левица, државни инспектори за животна средина и природа завчера извршиле надзор врз функционалноста на колекторот што ги одведува отпадните води од населбите долж Охридското Езеро до станицата за пречистување во Враништа.
Инспекторите извршиле увид на делница на колекторот од препумпна станица „Орце Николов“ до препумпна станица Подмолје, посетувајќи ги и препумпните станици лоцирани долж оваа делница кај месноста „Далјан“ и спортското игралиште.
– При увидот констатирано е дека четирите препумпни станици се функционални. Меѓутоа, поради дождовите, како и собирањето, односно одведувањето на фекалните и атмосферските отпадни води во заедничка, наместо одделна мрежа, кај инспектираните станици утврдено е прелевање на отпадните води во езерото, велат од Инспекторатот.
Државниот инспекторат ќе достави известување до надлежен овластен инспектор за животна средина и до општините Охрид и Струга да преземат мерки за санација на секундарната канализација и издвојување на атмосферските и фекалните отпадни води.
– Заштитата на Охридското Езеро е со највисок приоритет и затоа општините и Јавното претпријатие „Колекторски систем“ мора да добијат финансиски средства за целосна реконструкција и санација на канализацијата, колекторот и пречистителната станица. Во меѓувреме овие надлежни институции ќе бидат задолжени од Инспекторатот да реализираат итни мерки што ќе придонесат да се намали излевањето на отпадните води во врнежливи периоди, соопштија од Државниот инспекторат.
Ова е во спротивност со изјавата на директорот на ЈП „Колекторски систем“ Владимир Алексијоски, кој вчера истакна дека „нема излевање на фекални води од колекторот во Охридското Езеро“, и дека тоа го покажале резултатите од вондредната инспекциска контрола врз работењето на колекторскиот систем.
Спроведната проверка од страна на Државниот инспекторат за животна средина по претставка на политичката партија „Левица“ покажала дека проблемот на излевање на количество на отпадни води (во голем процент атмосферски води) во езерото не е последица на неработењето на колекторскиот систем, соопшти Алексијоски.
– На препумпната станица Подмолје не се чувствуваше миризба на фекалија и беше евидентно големо количество на атмосферски води. Од системски поставениот прелив на базенот истекуваше одредено количество на вода од кое дел се влеваше во водите на Охридското Езеро. На препумпната станица во населба Даљан исто така немаше мирис на фекалија и немаше излевање на води од преливот на базенот. Кај игралиштето во оваа населба беа евидентирани излевања на атмосферски води преку преливните цевки кои се влеваа во водите на езерото и при тоа не беше евидентирана миризба и присуство на фекалија. Во Орце Николов беше евидентирано ниско ниво во собирниот базен и немаше мирис на фекалија, вели в.д директорот на ЈП „Колекторски систем“.
Политичката партија „Левица“ пред четири дена поднесе иницијатива за вршење на вонреден инспекциски надзор до државниот инспекторат за животна средина, по реакција на поголема група граѓани за засилено загадување и уништување на животната средина преку испуштање фекалии од колекторскиот систем во Охридското Езеро кое се случувало подолг временски период. (Крај)
извор: Фокус/ОхридПрес фото: архива