Скопје, 17. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Денеска почнува вакцинацијата против COVID-19 и тоа најпрвин со вакцинирање на здравствените работници од Инфективната клиника во Скопје.
Надлежните потврдија дека подготовките за масовното вакцинирање се во тек, а до крајот на месецов се очекува да пристигнат и кинеските вакцини. Вакцинацијата ќе почне во 10:00 часот, во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Министерството за здравство соопшти дека пунктот во модуларната болница каде има шест позиции за вакцинирање ќе работи во две смени од 08:00 до 20:00 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствениот дом Скопје. Според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на 10 минути.
Националниот систем до ковид-центрите низ државата веќе испрати списоци каде се наведени имиња на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примаат вакцината во модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје. Ковид-центрите треба повратно да ги потврдат листите. Досега се пријавени 4.000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2.000 се во градот Скопје, а останатите се во другите градови. На секој здравствен работник кој ќе прими вакцина, веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација. Првата вакцинацијата ќе се изврши со 4.680 дози вакцини од производителот „Фајзер“, донирани од Србија. Со оваа пратка вакцини, имунизација ќе се спроведува само во модуларната болница во Скопје.
Со пристигнувањето на другите дози вакцини, ќе се врши дистрибуција низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во сегашните пунктови за вакцинирање. Надлежните најавија дека до крајот на февруари се очекува да пристигнат кинеските вакцини. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку КОВАКС системот. Голем дел од граѓаните се заинтересирани за вакцинирање против COVID-19, покажува веб-страницата „Vakcinacija.mk“.
Над 150 од Општата болница и 60-на здравствени работници од Здравствениот дом се во приоритетната група за имунизација против COVID-19 во Охрид.
Во охридскиот Здравствен дом е подготвен вакцинален пункт за имунизација на здравствените работници и граѓаните во превентивна здравствена заштита за деца и младинци, каде се ослободи една просторија каде се вакцинираа школски деца и студенти. Имаме организирано четири тимови, на почеток ќе се вакцинира во една смена, ако има потеба ќе се организиараме и во две смени, изјави за Супер радио и OhridPress директорката Ајсел Зејноска.
– Од Здравствен дом ќе се вакцинираат околу 60 здравствени работници. Се организиравме во превентивна здравствена заштита за деца и младинци со оглед на тоа што има посебна ординација, чекална и посебен влез. Имаме фрижидери за чување вакцини, впрочем тука со години се вакцинираат деца и младинци. Обележан е и влезот со траки каде пациентите ќе доаѓаат и ќе се вакцинираат, ќе има и обезбедување за да има ред, вели Зејноска. (Крај)
извор: РСЕ/ОхридПрес фото: архива