Скопје/Охрид, 13. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска почнуваат со работа стоматолошките ординации, спортските и други обложувалници преку шалтер, центрите за едукација, обука и семинари за возрасни, автошколи и автоиспитни центри.
Ова е согласно планот што вчера го донесе Владата за попуштање на рестриктивните мерки како процес кој ќе се одвива во три фази согласно развојот на епидемиолошката состојба.
Првата фаза е тековно функционирање на стопанските дејности во време на прогласена вонредна состојба и ограничено движење на населението на целата територија на државата со постепено намалување на времето за забрана на движење. Втората фаза како транзициона фаза е иницијално воспоставување на работните активности со почитување на препорачани мерки и стриктни протоколи за работа во услови на превенција и спречување на појава и ширење на COVID-19. Третата фаза предвидува потполно враќање на редовниот работен процес со почитување на основните мерки за одржување лична хигиена и физичко дистанцирање.
Намалувањето на рестрикциите ќе се спроведува низ повеќе фази, а меѓу секоја фаза ќе следи преглед и проценка на актуелната ситуација и одново одлука дали се исполнети условите да се продолжи олабавувањето на мерките во секоја следна фаза.
Сите следни чекори ќе зависат од три кртиериуми – дали паднемијата е ставена под контрола, дали здравствениот систем е во состојба да се справи со повторно појавување на случаи и дали системот за надзор на јавното здравство може да ги открие и да управува со случаите и контактите и да идентификува повторување на случаи. Согласно заклучоците на Владата, дозволено е и службено патување надвор од земјата на избрани и именувани лица со почитување на протоколите на Комисијата за одржување потребно растојание, заради координација и други итни причини кои не трпат одлагање
Се очекува Владата следната недела да го донесе планот за отворање на угостителските објекти, но тоа ќе зависи од епидемиолошката состојбата и почитувањето на мерките.
Во овој момент Владата не размислува за скратување на полицискиот час, но може да се наметне потребата во периодот што доаѓа посебно заради тоа што економските оператори постепено ќе се враќаат во функција.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера состојбата со коронавирусот во земјата ја оцени како стабилна.
Од денеска почнува скринигот и тоа на вработените во градинките, како и на одредени критични категории. Филипче вчера најави дека ќе почнат со вработените од градинките кои се на близу 2.000 со цел изготвување на протоколот за работа на градинките за нивно ставање во функција.
Скринингот се планира да се прави со истите ПСР тестови како и досега, а целта е со ПСР техниката да се идентификуваат асимптоматските носители. Според планот со скринингот треба да бидат опфатени вработените во градинките, во болниците, домовите за стари лица, пациентите со хронични болести, пациентите на биолошка терапија и други од десетината ризични групи. (Крај)
извор: Фокус фото: ОхридПрес