септември 29, 2020

Охрид, 29. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Точно напладне, возила за брза помош на Здравствен дом и Општа болница Охрид, со свирење и ротациони светла и’ оддадоа последна почит на прерано починатата медицинска сестра Дијана Димоска и на сите жртви на опасниот корона вирус COVID-19.

– Димоска имаше само 50 години и беше работно ангажирана во Интерно одделение на болницата во Охрид и ја загуби последната битка со COVID-19, информираат од охридската Општа болница.

Со вклучени сирени и ротациони светла, возилата направија обиколка по охридските улици, во насока на подигнување на јавната свест за заштита и спречување на ширењето на COVID-19.

Од Општа болница Охрид потсетуваат на едноставните поуки за спречување на ширењето на вирусот и дека најсилно оружје против COVID-19 е нашата свест и одговорност.

– Одржувајте хигиена
– Избегнувајте групни собири
– Држете растојание и носете маска
– Хранете се здраво
– Спортувајте и бидете позитивни

Од ЈЗУ Општа болница додаваат дека никој не е отпорен на овој агресивен облик на вирус.

– Не е важно дали сте млад или стар, богат или сиромав, директор или работник. Дајте нека конечно проработи свеста кај сите нас и нека гордоста и неверувањето ги замениме со горенаведените поуки. Здравјето е најголемо богатство, потенцираат од ЈЗУ Општа болница Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука