Охрид, 3. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Компанијата „Нефи ИК” никогаш не вадела песок од брегот на Охридското Езеро, тврди Кујтим Усеини, брат на Нефи Усеини, советникот од редовите на ДУИ во општина Охрид и сопственик на нелегалната бетонска база изградена на излезот од Охрид, во близина на езерото.
Според изјавата на Усеини, невистинити се информациите објавени од страна на активисти на Охрид SOS, дека багер на компанијата „Нефи ИК” црпел песок од езерото што, како што нагласува, било утврдено и од страна на полицијата што ги проверувала тврдењата објавени на статусот на Охрид SOS, јави МИА.
– Багерот снимен како копа во езерото не е наш. „Нефи ИК” ниту некогаш црпела, ниту црпи, ниту некогаш ќе црпи езерска песок за бетонска база. Ние поседуваме сопствен каменолом од каде користиме суровини за производство на високо квалитетн бетон кој го користиме во градежните активности и не користиме материјали кои може да го компромитираат составот и квалитетот на бетонот и градбите кои ги изведуваме, вели Кујтим Усеини.
Компанијата „Нефи ИК” бара извинување од организацијата Охрид SOS и нејзините активисти за изнесување невистини преку социјалните мрежи, а истовремено апелира до медиумите да не пренесуваат непроверени информации.
Граѓанската иницијатива за заштита на животната средина Охрид SOS вчера на својот Facebook профил објави снимки на кои се гледа како механизација врши ископ на песок од литоралот на езерото, посочувајќи дека станува збор за механизација на Нефи Усеини, за потребите на неговата нелегално изградена бетонска база. (Крај)
извор: МИА фото: архива