Охрид, 21. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Охридските угостители ќе ги почитуваат последните мерки усвоени на вчерашната владина седница, со кои работното време ќе им завршува во 23:00 часот, велат друго не им преостанува.
– Наместо до полноќ ќе работиме до 23:00 часот, ќе постапуваме согласно владините мерки, ние треба да се потрудиме да ни олеснат барем во оние часови кога ќе работиме да имаме поинтензивен промет, да надоместиме некако. Меѓутоа јасно е дека немањето на летните тераси на зима е голем удар за работењето, вели за Супер радио и OhridPress претседателот на охридскиот угостителски еснаф, Михаил Мишев.
Владата на Република Македонија ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести да се ограничи работно време на сите угостителски објекти до 23:00 часот. Исклучок се прави кај оние објекти што вршат испорака.
Донесена е одлука да се ограничи капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50% од вкупниот број на патници предвидени во едно возило.
Владата ја прифати и препораката целата државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, организирањето на работата да се одвива во смени или онлајн од дома или, пак редуцирано со систем на ротации зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива