јули 6, 2020

Охрид, 6. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Охрид се искачи на четвртото место во Македонија по бројот на активни случаи со коронавирус.

Со бројка од 175 активни пациенти ги надминавме Струга и Штип кои се таргетирани како критични места во однос на новозаболени лица. Според податоците од Центарот за јавно здравје Охрид само во периодот од 27-ми јуни до 3-ти јули COVID-19 e дијагностициран кај 50 лица.

Од почетокот на епидемијата вкупниот број на заразени во Охрид е 204, излечени се 24 пациенти, а се регистрирани 5 смртни случаи.

Капацитетот на Инфективното одделение е целосно исполнет, а во охридската болница хоспитализирани се 25 пациенти позитивни на COVID-19,шестмина се на кислородна поддршка. Директорот д-р Горан Балевски потенцира дека состојбата е тешка, но стабилна, дека имаат опрема и доволна количина кислород за пациентите

Кон средината на мај, откако долго време се одржуваше ниска бројка на заболени и успешно се бранеше од пандемијата, Охрид се врати на мапата на градови каде се регистрирани лица заболени од коронавирус COVID-19. Оттогаш, речиси секојдневно има регистрирани новозаболени пациенти, а за жал ги имавме и првите смртни случаи.

Министерот за здравство Венко Филипче при посетата на Општата болница во Охрид потенцира дека установата која е еден од регионалните ковид центри, со својата експертиза успешно одговори на ковид кризата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука