Скопје/Охрид, 31. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Заврши увидот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат во охридската Општа болница при што се детектирани пропусти и ќе се преземат соодветни мерки за сите вклучени во процесот, истакна на денешната прес конференција мнистерот за здравство Венко Филипче.
– Новиот директор Горан Балевски ја реорганизира постапката за прием на пациенти на Инфективното одделение, нешто што беше детектирано како пропуст претходно, по што беше сменета директорката на охридската Општа болница Славица Малеска- Стојадиновиќ, истакна Филипче.
Во врска со починатиот пациент од село Татеши, Струга, Малеска- Стојадиновиќ по смената преку допис до медиумите истакна дека од нејзина страна била изготвена писмена наредба за непрекинато да се укажува здравствена заштита на сите лица кои ќе се обратат за лекарска помош.
Со демант на ова тврдење излегоа од Инфективното одделение при Општата болница во Охрид.
– Во целост ги демантираме наводите на поранешната директорка на ЈЗУ Охрид дадени во медиумите на ден 30.03.2020 година во врска со тоа дека е утврдено прекршување во однос на неовозможување на здравствена заштита на пациент кој побарал здравствена заштита, а се однесува на здравствен работник во Инфективното одделение кој бил на работа во времето кога пациентката е донесена на преглед, како и тоа дека за пациентката од страна на матичниот лекар бил издаден упат на 25-ти март, ова од причина што до доставувањето на ова известување до медиумите од наша страна, инспекциски надзор во нашето одделение се уште не е извршен, а овие наводи е невозможно да се потврдат или отфрлат без да се утврди дали во нашиот систем постои упат или не и дали тој упат се однесувал на земање на брис или пак за лекување на инфективното одделение, како и ред други работи. По однос на наредбата од страна на директорот ја известуваме јавноста дека истата се почитува во целост од моментот на нејзиниот прием од наша страна . По однос на немањето на минимални технички услови и соодветни простории до директорката е реагирано во неколку наврати, меѓутоа повратен одговор немаме добиено, за што навремено се известени и Министерството за здравство и Министерот, порачаа вработените во Инфективното одделение при охридската Општа болница. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива