Скопје, 9. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Се’ уште рано да се отворат аеродромите, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Од ТАВ Македонија неодамна истакнаа дека се подготвуваат за отворање на аеродормите во државава, во исчекување на точен датум и одлука од надлежните институции, кои пак се во координација со меѓународните воздухопловни власти каде се во тек активности за наоѓање најсоодветни унифицирани решенија за одвивањето на авионскиот превоз на патници.
Официјална информација од Владата и надлежните воздухопловни тела чекаат и авиокомпаниите за да можат да ги потврдат нивните планирани рути од Скопје и од Охрид. Дестинациите и фреквенцијата на летови годинава, ќе зависат и од внатрешната организација и одлуките на авиокомпаниите, бидејќи и тие, како дел од авиобизнисот се значително погодени од кризата со вирусот Ковид-19. И по повторното отворање на аеродромите, авиосообраќајот ќе биде значително намален во однос на нивоата од претходните години, бидејќи, луѓето, пред сè, ќе се плашат да патуваат со авион, како резултат на стравот од повторно ширење на болеста. Со оглед на рецесијата која се очекува, што ќе влијае на стандардот на луѓето, ќе треба повеќе време авијацискиот пазар да се врати на некое од претходните нивоа на подем. Само во март, по затворањето на двата аеродрома, концесионерот регистрира намалување на патниците за 55 проценти, во споредба со март лани.
Во првите два месеци од годинава се регистрирани 350.708 патници на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, при што порастот беше 15 проценти на годишно ниво, а бројот на летови во истиот временски период, јануари-февруари беше 2.907, со 16 проценти годишен пораст. Во март, по затворањето на двата аеродроми, како што информира Ерсој, имале 79.479 патници, што е намалување од 55 проценти, во споредба со март 2019, кога само на месечно ниво имале 175.599 патници. Во првите три месеци од годинава, периодот јануари-март, на двата македонски аеродроми имало вкупно 430.187 патници, односно намалување од 11 проценти во однос на истиот период од 2019 година, кога биле регистрирани 480.845 патници. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива