Охрид, 12. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со повишување на гласот, гестикулации и подготвен говор, актуелниот прв човек на Охрид Никола Бакрачески, денес, само неколку дена по веста дека нема да трча за втор мандат за партијата која му овозможи да стане градоначалник – ВМРО-ДПМНЕ, на партиските соборци им порача дека бил „горд што е припадник на најголемата политичка и идеолошка авангарда на Македонија од 1892 наваму“.
Во жарот на говорот, понесен од емоциите и во обид да покаже единство со партијата, тој ја згреши и годината која е основана истата, односно 1893-та година, годината која стои и на грбот и во историјатот на партијата.
– Не само што нема да бидеме со наведнати глави, туку ќе бидеме со исправени глави и тогаш кога сме на власт и кога сме опозиција и нема да дозволиме никој, ниту со општинските интереси, ниту со локалните ниту со државните да се поигрува, на начин на кој што видовме како се одигруваа овие сто дена од новата власт, истакна градоначалникот.
Притоа тој додаде деке немало ништо инвентивно, ниту пак оригинално во сите тие лажни како што рече памфлети, потенцирајќи дека граѓаните допрва ќе ја видат фарсата на т.н. револуција.
– Во овие сто дена граѓаните на Македонија доволно видоа што значи погазување на зборови. Колку работи кажавте, а ги погазивте за само сто дена. Народот веќе полека се свестува, после 100 дена шок во ова општество, додаде Бакрачески.
Што се однесува за референдумот градоначалникот истакна дека многу јасно е кој ја носи Во врска со одлуката за распишување референдум, Бакрачески со став дека „референдумот е израз на највисоката демократска свест на една заедница, која од СДСМ ја сублимираат и кажуваат гордо дека ќе бидат против“.
– Викате нема бегалци. Бегалци, постојано транзитираат низ Македонија. Тие постојано се сместуваат некаде. Ако нема бегалци, поради која ја побивате иницијативата на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ за одржување референдум, тогаш зошто е стратегијата за бегалци, истакна градоначалникот.
Во обид да внесе луцидност во говорот, тој напомена дека „тоа било исто како да правиме стратегија за домување на Марс и на Јупитер, а ние немаме наши сограѓани таму“.
По две одложувања на седницата, со 13 гласови „за“ и двајца „воздржани“, охридските советници денес ја прифатија Иницијативата како и Предлог Одлуката за распишување референдум на локално ниво околу прашањето за доселување на подрачјето на општина Охрид на лица, баратели на азил. Од ВМРО-ДПМНЕ ги обвинија колегите од опозицијата дека гласајќи воздржано за референдумот, всушност сакаат Охрид од туристички центар да го претворат во бегалски камп. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива