Охрид, 13. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Како едно колективно потсетување за сите до каде е реално дојдена работата со заштитата на Охридскиот регион, неодамна на OhridPress беше поставен UNESCO Бројчаникот, кој ќе ни покажува уште колку време останува до 1-ви февруари 2020 година.
Денес Бројчаникот покажа дека останаа уште 49 дена до овој датум и на нашиот портал ќе остане до 1-ви февруари и ќе не потсетува сите, а особено одговорните и најзасегнатите за важноста, но овој пат и за брзината со која мора да ги носат одлуките.
Претходно во Баку беше официјализирана одлуката UNESCO да му даде уште една шанса на Охрид. Одговорните имаат време до први февруари да ги исполни сите 19 препораки или во спротивно на следната сесија во јули ќе заврши на листата загрозени подрачја. Одлуката беше донесена попладнево на сесијата во Баку и подразбира мораториум на секакви урбани трансформации на брегот на езерото, уривање на дивоградбите, изработка на детална анализа за состојбите во регионот и ревиталзација на колекторскиот систем. Истите препораки важат и за албанската страна од езерото. На сесијата во Баку повеќето земји учесници гласаа за да му се даде дополнителен рок на градот иако сите се согласија дека властите стагнирале во исполнување на препораките за заштита на регионот.
Неодамна локалната самоуправа започна со акција за уривање на дел од дивоградбите. Прва на удар беше куќа надвор од строгиот центар на градот и првата езерска линија, по што започна и акција за отстранување на платформите ан дел од угостителските објекти.
Државата сака сериозна битка со дивоградбите, а подготвуваат нов закон за легализација на дивоградби. Мене ме тераат да рушам, а другите легализираат. Ако Охрид е изземен од новиот закон, тој може да падне на Уставен суд, со преставка на граѓани дека се дискриминирани, вели градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески за порталот СДК. Проблем за Георгиески за справување со дивоградбите кои не се во заштитеното подрачје во Охрид е Законот за легализација на дивоградбите. Има објекти кои се дивоградби, а се заштитени бидејќи поднеле барање за легализација, а според законот додека трае постапката не може да се урива.
– Имаме неколку, да речам поочебијни објекти кои се симбол на урбанистички хаос и безвластие – тоа е хотелот во Лагадин и бетонската база на патот за Струга. За хотелот во Лагадин јас го поништив решението, па сопственикот се жалеше на Второстепена комисија, од каде го потврдија моето решение за ништовност на одобрението за градба. На тоа решение сопственикот има право на тужба на суд и поднесе тужба до Управен суд. Постапката е стопирана додека не добиеме решение од Управен суд и таа да стане правосилна. Точно е дека јас може да го урнам, но ако утре добие на суд може да ја тужи Општината и да плаќаме оштети и да се повтори случајот „Космос“. Затоа ќе чекаме сите процеси да завршат, па ќе се пристапи кон уривање, вели Георгиески.
Тој потенцира дека голем дел од платформите сопствениците ги отстраниле сами, меѓутоа има уште многу работа во борбата со дивите градби и тој процес воопшто нема да биде брз, лесен и едноставен.
– Потребна е помош од сите институции, пред сè од Државниот градежен инспекторат, којшто на голем дел од територијата на Охрид има ингеренции. Но, за жал Државен градежен инспекторат во земјава не постои. Јас сум се сретнал со директорот, побарав помош, но ништо. Како Општина немаме ресурси, ниту финансии сами да се справиме со еден таков сложен процес. Направивме ребаланс на буџетот, предвидовме уште 2 милиони денари, но за една сериозна и здрава борба со урбанистичкиот хаос треба здружени напори на сите чинители, дециден е Георгиески.
Охрид сè уште е град на УНЕСКО, но со регистрирани 1.097 дивоградби, од кои 409 се во заштитениот појас на Езерото, се најде на листата на светско наследство во опасност што го доведува во прашање статусот – град на УНЕСКО. Откако Комитетот на УНЕСКО на седницата одржана на 5 јуни годинава во Баку, Азербејџан ѝ даде рок на Општина Охрид до февруари наредната година да ги урне дивоградбите и да прогласи мораториум на секакви урбани трансформации, беше усвоен Акциски план за постапување по препораките.
Четири месеци по ултиматумот на УНЕСКО, на терен се забележува отстранување само на дивите платформи на кафулињата кои се изградени во езерото. Симболот на урбаното дивеење, хотелот во Лагадин, за кој инвеститорот има прекршено 19 закони, стои нечепнат. Има решение за уривање, но не се постапува бидејќи сопственикот поднесел тужба до Управен суд, во која ја спори одлуката со која му беше поништено одобрението за градба. Регистарот на бесправно изградени објекти во заштитеното подрачје на Езерото, покажува дека во Охрид со години се градело на диво. Нелегално никнувале секакви објекти – од хотели, семејни куќи, викендички, па до настрешници, скалила и огради. Од 409 дивоградби во линија од 50 метри од Езерото, 15 се хотели или делови од хотелски комплекси кои се граделе, уредувале, адаптирале или надградувале без одобрение за градба од Општината. Во заштитениот појас на брегот дигнати се и 37 викендички, семејни и индивидуални куќи и 14 згради со станови. Останатите дивоградби во заштитеното подрачје се настрешници, гаражи, тераси, скали, бетонски ѕидови, огради, прозорци…
За надлежните институции и општините Охрид, Струга и Дебрца денес истекува рокот даден од македонската Влада за да ги достават известувањата за спроведувањето на препораките од УНЕСКО. Владата пред три дена ја реафирмираше определбата да се зачува статусот на УНЕСКО за светско културно и природно наследство на Охридскиот регион и ги задолжи сите релевантни државни институции најдоцна до петок да достават информации за степенот на реализација на препораките од УНЕСКО. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес