ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид, Дебрца и Струга до денес треба да известат за спроведувањето на препораките од УНЕСКО

Скопје/Охрид, 13. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – За надлежните институции и општините Охрид, Струга и Дебрца денес истекува рокот даден од македонската Влада за да ги достават известувањата за спроведувањето на препораките од УНЕСКО.

Владата пред три дена ја реафирмираше определбата да се зачува статусот на УНЕСКО за светско културно и природно наследство на Охридскиот регион и ги задолжи сите релевантни државни институции најдоцна до петок да достават информации за степенот на реализација на препораките од УНЕСКО.

– Во заклучоците на Владата по ова прашање е и препораката до општините Дебрца, Охрид и Струга да се интензивираат процесите и активностите со цел исполнување на препораките на УНЕСКО и да ги примат претставниците на УНЕСКО во склоп на Реактивната мисија за 2020 година, се наведува во владиното соопштение.

Во меѓувреме, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко одговара само пред „судот“ на партијата и очигледно живее во „државата ДУИ“. Тој не го изготвил регистарот на дивоградби, туку по шестмесечно игнорирање минатата недела до министерството за транспорт и верски доставил регистар со барања за легализација кој нема допирна точка со она што е побара од него.

На новинарско прашање дали градоначалникот на Струга Рамиз Мерко ќе понесе кривична одговорност и ќе му се одземат ингеренциите бидејќи се уште не го направил регистарот за дивоградби кој се бара согласно со планот на УНЕСКО, македонскиот премиер Зоран Заев изјави дека не ги знае деталите и оти од новинарите слушнал дека Мерко не постапува согласно со планот на УНЕСКО за заштита на Охрид и охридскиот регион.

– Верувам дека секој ќе постапува согласно со законите затоа што во нив има начин на обезбедување на сите неопходни услови, но и казни за непочитување, изјави Заев, при посетата на Пробиштип.

Тој смета дека како политичари сите треба да бидат одговорни бидејќи, вели, УНЕСКО е многу важно за Охрид и охридското крајбрежје, но за нашата држава е битна заштитата на еколошката средина.

Заев верува дека сите институции ќе го направат тоа што го бара УНЕСКО за да го заштитат Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука