мај 25, 2023

Охрид, 25. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Како финале на посетата на легендите на фудбалот на поранешна Југославија, некогашните фудбалери на Црвена ѕвезда од Белград на Охрид, вечерва на стадионот „Билјанини извори“ се одржа ревијален пријателски натпревар.

Ветераните на Црвена ѕвезда загубија од охридските ветерани со 3:1 во натпревар во кој резултатот сепак го имаше последното место.

Многу емоции, сеќавања на едно убаво време ги споија легендарните спортисти со публиката, која и годинава имаше несекојдневна можност да се дружи со фудбалските легенди.

Во Охрид допатуваа Бошко Ѓуровски, Милош Шестиќ, Здравко Боровница, Неделко Милосављевиќ, Јован Аќимовиќ, Јовица Николиќ, Митко Стојкоски, Драги Канатлароски, Тони Мицески и други, кои беа дел од репрезентацијата на Југославија во 60-те и 70-те години на минатиот век.

Освен средбите со охриѓани, фудбалерите имаа прошетка со брод по Охридското Езеро и бројни средби со вљубениците во фудбалот во Охрид и околината. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука