Скопје/Струга, 16. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – По неодманешната одлука да ги разреши досегашните државни правобранители во Скопје и Струга, Владата на Република Македонија преку оглас бара кандидати за позицијата државен правобранител во главниот град и во Струга.
На веб страната на Владата на Република Македонија се објавени два огласи со кои се бараат кандидати кои би биле заинтересирани да работат на овие позиции. Огласите се отворени до 29-ти јануари, до кога заинтересираните лица можат да испратат свои податоци за да конкурираат на огласите. Притоа Владата дефинирала дека со едниот оглас ќе именува еден правобранител на територијата на Скопје, по претходно мислење од државниот правобранител, без ограничување на мандатот. Ова ќе важи и за кандидатот кој ќе ја добие позицијата во Струга.
– Лицата кои сакаат да конкурираат, мора да се државјани на Македонија, да се правници со диплома и да имаат петгодишно искуство и положен правосуден испит. Се бара и да имаат углед во вршењето на досегашната функција. Утврдиле дека оваа позиција не може да се врши паралелно со вршење на друга јавна функција, ниту пак друга професија. Покрај доказ за завршено соодветно обрзование, и доказ дека имаат работно искуство, заедно со другите документи, кандидатите треба да достават и доказ дека уживаат углед за вршење на функцијата. Платата на идните правобранители не е објавена, за неа Владата напишала дека коефициентот е согласно одлуката за пресметка на платите, стои во огласот.
Поради нестручно и несовесно вршење на функцијата Владата на Република Македонија на 9-ти јануари 2024 година го разреши Мирко Велјаноски од функцијата државен правобранител за подрачјето на Струга, соопштија попладнево од Министерството за правда.
– Владата одлучи Мирко Велјаноски да го разреши од должноста државен правобранител во Државното правобранителство за подрачјето Струга, поради нестручно и несовесно вршење на функцијата државен правобранител и Јане Јанкуловски од функцијата државен правобранител во Државното правобранителство за подрачјето на Скопје, поради нестручно и несовесно вршење на функцијата државен правобранител, се наведува во кусото соопштение од Правда.
Велјаноски ја започнал кариерата во Општинскиот суд во Струга како приправник, каде работел од 1990 до 1992 година. Истата година се вработил во Акционерското друштво за преработка на пластични маси и производи од стаклопластика „Полипласт“ во Струга. Правосудниот испит го положил во 1996 година, по што се занимавала со адвокатура, пред да биде избран за заменик-јавен правобранител за подрачјето на Струга кон крајот на декември 2006 година. На крајот на мај 2012 година со решение на Владата е именуван за државен правобранител за подрачјето на Струга. (Крај)
извор: faktor.mk/ОхридПрес фото: архива